Нов извештај на група експерти на Советот на Европа ја пофали Македонија за законите кои се однесуваат на насилство врз жени и домашно насилство, како и за измените на Кривичниот законик кои вклучуваат опширна дефиниција на насилството врз жените и сексуалното насилство. Исто така, се поздравува и воспоставувањето на национален координативен орган и на упатства и водичи за поддршка на жртвите.
Сепак, Групата експерти за акција против насилство врз жените и домашно насилство (ГРЕВИО) изразува загриженост поради неусогласената имплементација на овие закони во пракса. Традиционалните верувања кои продолжуваат да го одржуваат насилството против жени, како и стигмата околу сексуалното насилство и недостатокот на ресурси, предизвикуваат недоволно пријавување на насилството. Недостигот на специјализирани услуги и сместувачки места исто така остава многу жртви без заштита.
Извештајот исто така открива недостаток на институционални одговори од полицијата и судските органи, што доведува до неказнивост на извршителите на насилството.
Извештајот е за евалуација на напорите во спроведување на Истанбулската Конвенција. ГРЕВИО анализираше информации добиени од властите и разни организации за време на петдневна посета на земјата во септември 2022 година.