Република Северна Македонија во 2020 година исплатила 330 илјади евра на граѓани кои ги добиле предметите против нашето судство во Стразбур. За споредба, државата како тужена странка која изгубила, во 2018 година платила отштета на граѓани во износ од 124.900 евра, според податоците на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права.
Од вкупниот број на пресуди против државата, повеќе од 100 пресуди се однесуваат на членот 6 од Конвенцијата за човекови права, односно на повреда на правото на правично судење.
Во меѓувреме, нашата држава ниту ги почна судските реформи, ниту ги отвори поглавјата 23 и 24 со Европската комисија, а кои се за владеење на правото и за човековите права.
Рејтинзите на судството и на обвинителството, се меѓу 2 и 3 отсто потполна доверба.
Оваа висока отштета од 330 илјади евра е резултат на добиени пресуди на граѓани против Македонија во Стразбур, за тужби што ги поднеле во 2019, 2018 година, па и претходно. Но, извесно е дека ситуацијата ќе биде уште полоша, ако се има предвид бројот на поднесени тужби против државата во 2020 година. Тие тужби сега се во процедура, Министерството за правда преку Бирото за застапување на Македонија пред Судот во Стразбур допрва ќе праќа одговори на тужби.
Дополнително годинава ќе следи обесштетување на наши сограѓани, зашто во текот на 2020 година, против државата биле донесени 14 пресуди и 13 одлуки.
Во текот на 2020 година пред различните судски формации на Судот во Стразбур, биле поднесени вкупно 275 тужби против Македонија, што е зголемување во однос на претходната 2019 година кога таму пристигнале 262 апликации.
Во текот на 2020 година, бројот на поднесени тужби против Македонија е над европскиот просек, мерено според индексот на поднесени апликации на 10.000 жители, кој на европско ниво во текот на 2020 година изнесуваше 0.50. Македонија во 2020 година со индекс од 1.32 на поднесени апликации на 10.000 жители, заврши на 12-тото место во семејството од 47 држави – членки на Советот на Европа.
Од вкупниот број на пресуди против државата, повеќе од 100 пресуди се однесуваат на членот 6 од Конвенцијата, односно на повреда на правото на правично судење. Покрај за овој основ, против државата има тужби во Стразбур и од граѓански и управни предмети, што се однесуваат на непристрасноста, начелото на еднаквост на оружјата, отсуството на правна сигурност и конзистентна судска пракса (во исти ситуации, судиите носат различни одлуки), отсуството на доволно образложение на судските одлуки, правото на пристап до суд и правото на усна расправа, нешто што е срамота да се случи во системите на демократските држави.
Пред Стразбур стигнаа и тужби за манипулација со вештачењата на кои толку се жалат граѓаните, за еднаквост на оружјата на судските процеси бидејќи има судии кои натежнуваат кон обвинителот, на штета на обвинетиот, потоа за презумпцијата на невиност, за правото на одбрана во врска со допуштеноста на исказите од отсутни или сведоци со прикриен идентитет (загрозени сведоци) и присуството на обвинетиот на рочиштето… Има и тужби против Македонија зашто судии допуштиле незаконито стекнати докази, натаму за користењето на агент-провокатор, па дури и за правото на толкувач и против исклучување на новинари од судење.
С. К. ДЕЛЕВСКА