Владата на денешната седница го задолжи Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет на рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година до сега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување, соопштија од Владата.
Оттаму велат дека во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата.
Како што велат од Владата, таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки.
На оваа седница Владата ја разгледала и Информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјани на Северна Македонија и членовите на нивните семејства по нивна евакуација од Украина.
Владата соопшти дека го задолжила Министерството за надворешни работи да ги прибере барањата на сите државјани на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Северна Македонија, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата.
Истовремено, премиерот Димитар Ковачевски го осуди чинот на отворената воена агресија на Руската Федерација на Украина.
„Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Покрај безбедносната состојба, владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба. Владата како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните“, напиша Ковачевски на социјалните мрежи.