Министерството за финансии денеска се задолжи колку што планираше – со 113,7 милиони евра на домашниот пазар, иако побарувачката за државни записи и државни обврзници на денешната аукција беше и поголема од понудата и изнесуваше 126 милиони евра, покажаа резултатите од аукцијата, објавени од Народна банка.
На аукцијата, која се одржа на нецели две недели до изборите на 11 декември, беа понудени државни записи во износ од 86,449 милиони евра со рок на достасување од една година со камата од 2,60% и во износ од 8,130 милиони евра со рок на достасување од седум месеци со камата од 2,20%.
Државните записи на денешната аукција беа со рок на достасување од две до 15 години, а понудата изнесуваше 18,779 милиони евра.
Веднаш по ова задолжување, Владата треба да врати околу 124 милион долари од претходни аукции. Веќе утре, на 30 ноември доспеваат за враќање 53 милиони евра и задутре, на 1 декември, доспеваат 61 милион евра.
Последното големо задолжување беше во јули, кога Владата издаде седумгодишна еврообврзница во износ од 450 милиони евра. Првичниот план беше еврообврзницата да се издаде во износ од 650 милиони евра, но понудата беше повлечена, па потоа повторно издадена на износ помал за 200 милиони евра.
Според бројките на Министерството за финансии за третиот квартал од годинава, државниот долг изнесува 41,9% од БДП, додека јавниот долг за првпат надмина 50% од БДП и е на ниво од 50,6%. Во соопштението од 31 октомври, Министерството за финансии официјално објави дека јавниот долг изнесува 4 милијарди и 760 милиони евра и дека за само девет месеци, јавниот долг е зголемен за 532 милиони евра.