МАКЕДОНИЈА ВЛЕЗЕ ВО СЕПА – ЕДИНСТВЕНАТА ОБЛАСТ ЗА ПЛАЌАЊЕ ВО ЕВРА, НАШИТЕ ГРАЃАНИ НЕМА ВЕЌЕ ДА ПЛАЌААТ 6 ПАТИ ПОГОЛЕМИ ПРОВИЗИИ ОД ТИЕ ОД ЕУ

    МАКЕДОНИЈА ВЛЕЗЕ ВО СЕПА – ЕДИНСТВЕНАТА ОБЛАСТ ЗА ПЛАЌАЊЕ ВО ЕВРА, НАШИТЕ ГРАЃАНИ НЕМА ВЕЌЕ ДА ПЛАЌААТ 6 ПАТИ ПОГОЛЕМИ ПРОВИЗИИ ОД ТИЕ ОД ЕУНашата економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, од роднини гастербајтери, коишто достигнуваат и до 15% од БДП, и провизиите за тие пари ќе се намалат.-Гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска (Фото:Народна Банка на Македонија)

    Европскиот совет за плаќања денес ја прифати Македонија како 39-та членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, претходно властите правеа значителни напори за да ја усогласат правната рамка во доменот на плаќањата и платните системи со регулаторните барања на Европската Унија (ЕУ), како што е Законот за спречување на перење пари и други закони.

    Овој ден за гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска е историски, а Македонија исполни една од најважните цели на патот кон членство во ЕУ. Во Единствената област за плаќање во евра се сите земји членки на ЕУ, Обединетото кралство, Швајцарија, Монако, Андора, Ватикан и Сан Марино.

    „Од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина. Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, кажа денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска по одлуката на Европскиот совет за плаќања со што нашата земја стана членка на СЕПА.

    Истакна дека членството во СЕПА е потврда и за високите регулативни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошно поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржување на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност којашто е јавно добро.

    „Нашата економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, коишто достигнуваат и до 15% од БДП. Со оглед на тоа дека дознаките  претставуваат значителен дел од расположливиот доход на населението, нема да изостанат придобивките и врз оваа основа“, рече Ангеловска-Бежоска и додаде дека дека за да станат сите овие можности реалност, од особена важност се добрата подготовка и брзото и ефективно приклучување на нашите давателите на платежни услуги(банките) кон европските платни системи.

    Овој успех е резултат на посветените напори пред се на тимот на Народната банка.

    Вицегувернерката Емилија Нацевска кажа дека банките и останатите даватели на платежни услуги веќе се подготвуваат да се приклучат на СЕПА. Планот е овие побрзи и поевтини плаќања со значително помали провизии, да почне да се случува од 6 октомври 2025 година. Тогаш ќе стартуваат и Црна Гора и Албанија, иако пред Македонија се примени во СЕПА.

    Таа подетално презентираше како ќе има поевтини прекугранични плаќања, полесно плаќање во странство, а компаниите полесно ќе се вклучат во прекуграничната трговија. Придобивките од приемот на Македонија во ова европско семејство се големи, рече таа,пред се за  спречување перење пари, поголема заштита на личните податоци итн.

    Од 6 октомври и нашите банки ќе почнат да даваат услуги за своите клиенти.

    Во платежни шеми под во СЕПА спаѓаат: 1. кредитни трансфери електронски трансфери кои секој ден ги користиме, одливи и приливи; 2. инстант кредитни трансфери, оние што се случуваат веднаш, за 10 секунди, а не како досега преку коресподентно банкрство (плаќањата се до 10 секунди); 3.директните задолжувања.

    „Трошоците за овие услуги треба да бидат помали во СЕПА. Целта е трансакциите да поевтинат и брзината на преносот на пари да се зголеми. Нашите граѓани шест пати повеќе плаќаат за провизии, од граѓаните и компаниите во ЕУ, односно во СЕПА. Трошоците на банките ќе се намалат, а со тоа и трошоците кон крајните корисници“, презентираа денеска Нацевска и експертите од Народната банка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира