Земјава во февруари ќе ги добие првите дози од вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ и „Бионтек“, соопшти Министерството за здравство, откако денеска напладне постигнале директен договор со компанијата. Количината е биде позната во текот на следните недели. Следните дози од вакцината на „Фајзер-Бионтек“ ќе пристигнат во март и април.
Станува збор за вакцината која од неделата ја употребуваат 27-те земји членки на Европската Унија, и која бара специфични услови за чување, – 70 Целзиусови степени. Ова е најбрзо развиената вакцина во историјата, имајќи предвид дека од концептот до реализацијата поминаа само 10 месеци. Вообичаено, развојот трае и цела деценија.
Вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ користи целосно експериментален пристап: вбризгување на дел од генетскиот код на вирусот, со цел да го тренира имунолошкиот систем, кој потоа произведува антитела и активира Т-клетки за да ги уништи заразените клетки. Потребни се две дози, примени со три недели растојание.
„Министерството за здравство продолжува разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на Европската Унија и преку Ковакс механизмот од каде се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини“, велат од Министерството.
Во јануари се очекува да стигнат и фрижидерите за складирање на овие вакцини.
Македонија преку Ковакс механизмот обезбеди 833.000 дози вакцини со кои ќе се вакцинираат 400.000 граѓани, за што се одвоени 7.9 милиони евра.
Во врска со планот за тоа по кој редослед ќе се вакцинираат граѓаните во нашата држава, портпаролите на Владата на прес-конференцијата на 23 декември кажаа дека штом биде достапна вакцината во земјава, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа. Потоа, ќе се вакцинираат премиерот Зоран Заев и политичарите.
„Уште на почетокот оставивме простор да разговараме и да користиме и други механизми освен Ковакс механизмот. Освен тој механизам, се понудија и европските земји кои за време на правењето на нивните директни договори земаа предвид оти треба да споделат и со останатите земји кои не се членки на ЕУ и оттука доаѓаат понудите на Полска, Бугарија, Грција, сега и на Австрија. И третиот механизам, имавме директни разговори со компаниите. Согласно динамиката на нивното производство, практично ние очекуваме да имаме и поинакви вести од овие досега кои што ни ги даваа за време на разговорите. И тие ние укажаа дека се соочуваат со огромен притисок“, рече утрово министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцина.
Б. НЕСТОРОСКА