МАКЕДОНСКИ ЛЕКАРИ НА ОБУКИ ВО ХОЛАНДИЈА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СМРТНОСТА КАЈ БЕБИЊАТА

    МАКЕДОНСКИ ЛЕКАРИ НА ОБУКИ ВО ХОЛАНДИЈА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СМРТНОСТА КАЈ БЕБИЊАТАСо обуките треба да се стекнат знаења за подобрување на здравствената грижа за новороденчињата, особено за предвреме родените бебиња - од средбата кај министерот Филипче (Фото: твитер на Холандска амбасада)

    Македонски педијатри и гинеколози во првата половина од оваа година ќе се обучуваат од областа на неонатологијата, ЦТГ скрининг, интензивната нега и намалување на интрахоспитални инфекции во универзитетски болници и центри во Велика Британија и Холандија. Со обуките тие треба да стекнат знаење со кое ќе се подобри здравствената грижа за новороденчињата, особено за предвреме родените бебиња.

    Овие обуки се дел од проектот ПериМак, кој го спроведува здравствената фондација Проект ХОПЕ „Луѓе за луѓе”, од почетокот на 2016 година.

    „Во рамки на програмата, во првата половина од годинава се планира одржување онлајн обука за 18 гинеколози за ЦТГ-скрининг на Кралскиот Колеџ за гинекологија и акушерство во Велика Британија. Исто така планирана е и обука за тотална парентерална исхрана за предвремено родени во неонатолошкиот центар во Ротердам за доктори од интензивна нега од Клиниката за детски болести, како и обука за скрининг на слух, намалување на интра хоспитални инфекции и размена на искуства во Универзитетската болница во Амстердам за доктори од интензивна нега од Клиниката за детски болести и од Специјална болница за гинекологија и акушерство во Чаир“, велат од Министерството за здравство.

    Со проектот досега се преземени активности со кои се подобруваате условите, капацитетите и експертизата во Гинекологија Чаир и на одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести. Од Министерството за здравство велат дека крајната цел на овие активности е да се созададт перинатални центри на извонредност.

    „Најсовремена медицинска опрема во вредност од околу 1 милион евра веќе е донирана, од Германија преку проектот ХОПЕ до двете болници, како и мал дел во Клиничката болница Тетово. Во рамки на програмата лани беа организирани обуки за гинеколози, педијатри, неонатолози, медицински сестри, акушерки на различни теми од овие области“, велат од Министерството за здравство.

    На вчерашната средба меѓу претсавници на проектот ХОПЕ „Луѓе за луѓе“ амбасадорот на Кралството Холандија Вилем Ваутер Пломп и министерот за здравство Венко Филипче се разговарало за продолжување на соработката меѓу Министерството за здравство и Проектот ХОПЕ, за да се подигне квалитетот на здравствените услуги со особен акцент на здравјето на новороденчињата.

    „Една од целите на проектот е да се овозможи медицинскиот кадар во болниците што поефикасно да третира специфични патологии и состојби на високоризични бремености и новороденчиња“, соопштија од Министерството за здравство.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари