МАКЕДОНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ НЕ МОЖАТ ДА КОРИСТАТ ФОНДОВИ ОД ЕУ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ОТИ ВЛАДАТА НЕ УПЛАТИЛА КОТИЗАЦИЈА

    МАКЕДОНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ НЕ МОЖАТ ДА КОРИСТАТ ФОНДОВИ ОД ЕУ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ОТИ ВЛАДАТА НЕ УПЛАТИЛА КОТИЗАЦИЈАНационален координатор за европските грантови е вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. - Седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Неколку македонски организации и компании веќе добиле грантови од европската програма „Лајф“ за животна средина и климатска акција, но не можат да ги користат затоа што Владата не го потпишала договорот со ЕУ. Поради тоа, претседателот на Стопанската комора (СКСМ) Бранко Азески денеска му пиша отворено писмо на премиерот Димитар Ковачевски во врска со проблемот, потсетувајќи го јавно дека уште пред година дена прашал зошто не е потпишан договорот.

    „Пред една година прашав што се случува со европската програма ‘Лајф’. Сега Ве информирам дека сѐ уште не е потпишана. СКСМ веќе доби два проекта од програмата ‘Лајф’, во вредност поголема од два и пол милиони евра, во областа на енергетската ефикасност, од кои едниот е национално поврзан со активностите кои треба да ги дефинираат новите цели за енергетска ефикасност до 2050 година. Европска програма ‘Лајф’, една од клучните европски програми за финансирање на климатските промени, енергетската ефикасност, на транзицијата кон чиста енергија, циркуларната економија и на природата на биодиверзитетот“, вели Азески во писмото.

    Еден од проектите е на „Хабитат Македонија“, со Стопанската комора и со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а другиот е на регионалната канцеларија на „Хабитат“, со конзорциум од други четири меѓународни организации. Ако не се добијат грантовите со вкупна вредност од 2,6 милиони евра, македонските организации ќе бидат во загуба од 340.000 евра.

    „Цело време зборуваме за енергетска криза, а кога ќе добиеме пари за енергетска ефикасност не можеме да ги користиме“, велат од „Хабитат Македонија“.

    Не е познато каде е закочена работата во Владата, бидејќи за програмата треба да се договорат две министерства (Животна средина и Надворешни работи) и Секретаријатот за европски прашања (СЕП). За да може македонски организации да ги користат овие грантови, државата треба да уплати котизација, и неофицијално, министерствата и секретаријатот се натегаат кој да ја уплати котизацијата, бидејќи никој од нив нема предвидено средства за таа намена. Национален координатор за европските грантови е вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој раководи со СЕП.

    Програмата „Лајф“ е инструмент на ЕУ за финансирање проекти за животна средина и климатска акција.

    Претседателот на Стопанска комора додава дека оваа програма е исклучително важна и за реализирање на преговарачкиот процес со ЕУ, во кој цел еден кластер 2 им е посветен на зелената агенда и на одржливата поврзаност и е од исклучително значење за македонските компании, бидејќи примената, која ќе се цени на крајот на денот, значително ќе ги намали финансиските импликации поврзани со нивната примена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира