Македонскиот армиски тим, кој е ангажиран во активностите за пребарување на теренот по катастрофалниот земјотрес во Турција, денеска помогна во успешната акција за спасување на петгодишниот Сулејман од рушевините во градот Кахраманмараш.
Од Генералштабот на Македонската армија велат дека нашиот тим, по сознанијата дека се слушнати гласови од рушевините, 6 часа ги расчистувал рушевините, по што слушнале детски глас и потоа заедно со турскиот тим за пребарување уште четири часа се ангажирале да го извлечат петгодишниот Сулејман.
Македонскиот армиски тим во Турција е составен од 24 припадници на баталјонот за специјални сили и двајца инструктори од командата за обука и доктрини со две службени кучиња.
Југоисточна Турција на 6 февруари рано наутро ја погоди земјотрес со јачина од 7,8 степени, а по неколку часа уште еден со јачина од 7,5 степени. Бројот на загинати во Турција и соседната Сирија денеска надмина 20 илјади.