МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ Е ФАЛСИФИКАТ НА КОМУНИСТИЧКАТА ИНТЕРНАЦИОНАЛА, ВЕЛИ РАДЕВ

    МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ Е ФАЛСИФИКАТ НА КОМУНИСТИЧКАТА ИНТЕРНАЦИОНАЛА, ВЕЛИ РАДЕВЗборувајќи пред бугарските новинари, Радев кажа и дека за време на „југословенската диктатура“ во Македонија, десетици илјади Бугари биле носени во концентрациони логори. (архивска фотографија)

    Бугарскиот претседател Румен Радев продолжува со изјавите за наводна антибугарска идеологија во Македонија и дека македонскиот идентитет е измислен од комунистичката интернационала. Зборувајќи пред бугарските новинари, тој кажа и дека за време на „југословенската диктатура“ во Македонија, десетици илјади Бугари биле носени во концентрациони логори.

    „Време е антибугарската идеологија, која што вирее во Република Северна Македонија и очигледно ги труе нашите односи и намерно го подрива патот на земјата кон Европската унија, да остане во минатото. Обидот на македонските политичари да градат идентитет на база на фалсификатите на комунистичката интернационала, а не на историската вистина, се против интересите на македонските граѓани кои навистина сакаат членство во ЕУ“, тврди Радев.

    Бугарскиот претседател зборуваше и за Ванчо Михајлов, откако викендов во Битола беше отворен културен клуб со неговото име, а на отворањето присуствуваше бугарскиот државен врв, предводен од премиерот Кирил Петков.

    „Ако зборуваме за фашизам, треба да е јасно дека Иван Михајлов е човекот кој му откажа на Хитлер да ја вовлече Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не Иван Михајлов, туку други луѓе, по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, убиваа и испраќаа десетици илјади во концентрациони логори, само затоа што решија да продолжат да се нарекуваат Бугари. Е тоа е вистински фашизам“, кажа Радев.

    Претходно денеска, премиерот Димитар Ковачевски за отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола кажа дека е провокација која што не оди во насока на подобрување на односите и постигнување на договор, а со тоа и отворање на преговорите за земјава со ЕУ.

    „Во однос на настанат кој се случи во саботата, тој не претставува ништо повеќе од провокација бидејќи ги буди духовите од минатото. Се работи за личност која што била соработник и на Хитлерова Германија и на Мусолинова Италија и на Павелиќ и која со тоа воопшто не може да придонесе како личност што може да биде мост за иднината, за пријателство меѓу двата народи и како мост за европскиот пат на државата“, кажа Ковачевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира