МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ОДЛУЧНО ГО ПОДДРЖУВААТ ТРАМП, ВЕЛИ МИЦКОСКИ И ДОДАВА ДЕКА МАКЕДОНИЈА ЦЕЛОСНО ГИ СЛЕДИ АМЕРИКАНСКИТЕ ПОЗИЦИИ ЗА ИРАН, ВЕНЕЦУЕЛА И КУБА

    МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ОДЛУЧНО ГО ПОДДРЖУВААТ ТРАМП, ВЕЛИ МИЦКОСКИ И ДОДАВА ДЕКА МАКЕДОНИЈА ЦЕЛОСНО ГИ СЛЕДИ АМЕРИКАНСКИТЕ ПОЗИЦИИ ЗА ИРАН, ВЕНЕЦУЕЛА И КУБАПремиерот Мицкоски вели дека македонската влада испратила јасна поддршка за Трамп уште во периодот на изборната кампања кога малку европски земји верувале во неговиот изборен успех. (Фото: Брајтбарт/принтскрин)

    Македонските граѓани многу одлучно ја поддржуваат администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, а неговиот кредибилитет во земјата е на исклучително високо ниво, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за американскиот десничарски медиум „Брајтбарт Њуз“.

    Мицкоски во интервјуто вели дека редовно ги следи истражувањата на јавното мислење, според кои довербата кон претседателот Трамп во Македонија е највисока во споредба со останатите европски држави. Поради ваквото расположение кај јавноста, тој го покани Трамп на официјална посета на највисоко ниво.

    „Гледајќи дека рејтингот на претседателот Трамп е највисок во мојата земја, односно македонските граѓани многу одлучно ја поддржуваат администрацијата на претседателот Трамп, а кога велам дека поддршката е највисока, мислам сериозно, бидејќи ги следам анкетите и знам дека неговиот кредибилитет кај македонските граѓани е апсолутно огромен и без никакво сомневање, со задоволство би го поканил“, изјави Мицкоски.

    „Би бил многу расположен да го пречекам на највисоко ниво. Тој ужива поддршка од македонските граѓани. Кога ќе има слободен термин во својата агенда, со големо задоволство ќе бидеме домаќини доколку одлучи да го посети регионот“, вели македонскиот премиер.

    Премиерот додаде дека македонската влада испратила јасна поддршка за Трамп уште во периодот на изборната кампања кога малку европски земји верувале во неговиот изборен успех, оценувајќи дека земјата претставува сигурен сојузник и цврст столб за заштита на американските интереси на Балканот.

    Во интервјуто, Мицкоски потсети дека соработници од најтесниот круг на Трамп ја посетиле македонската влада уште за време на претседателската кампања, веднаш по Самитот на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, кога малку европски земји верувале. Меѓу нив биле сегашниот секретар за трговија Хауард Латник, поранешниот конгресмен Девин Нунес и сопственикот на видеоплатформата „Рамбл“, Крис Павловски. Тој додаде дека по изборот на Трамп, македонска владина делегација присуствувала на церемонијата на инаугурација во Вашингтон со цел зголемување на идната билатерална соработка.

    Според премиерот, земјата целосно ги следи и поддржува американските позиции при гласањата во Обединетите нации, вклучително и за прашањата поврзани со Иран, Венецуела и Куба. Мицкоски откри дека Владата одржува постојана комуникација со амбасадорот Рик Гренел, а со амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, разговара за потенцијална енергетска соработка и регионална трговија со американски течен природен гас.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира