Од 81 држава, учениците од Македонија се на 71. место по јазична писменост, а на 61. место со знаење по математика, соопшти Министерството за образование и наука (МОН), објавувајќи ги резултатите од ПИСА 2022.
Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ги објави резултатите од ова последно меѓународно тестирање, кои покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15-годишна возраст во речиси сите држави учеснички.
„Со минимална разлика, резултатите за Северна Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61. место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71. место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во Европа“, соопшти МОН.
Ова е четврто учество на Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно земјава беше дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Лани во април и мај 2022 беа опфатени 6.610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата во Македонија е Државниот испитен центар. ПИСА тестирањето за првпат кај нас се реализираше електронски,
„Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми“, вели Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА