МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ ПАЛЕНО, КИНЕТО И ГАЗЕНО НА ПРОСЛАВАТА НА ДЕНОТ НА АЛБАНСКОТО ЗНАМЕ ВО СКОПЈЕ

    МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ ПАЛЕНО, КИНЕТО И ГАЗЕНО НА ПРОСЛАВАТА НА ДЕНОТ НА АЛБАНСКОТО ЗНАМЕ ВО СКОПЈЕНа снимки од прославата, објавени на социјалните мрежи, се гледа како се кине, гази со автомобил и се пали македонското знаме. (Фото: социјални мрежи)

    Македонското знаме беше палено, кинето и газено на синоќешната прослава на Денот на албанското знаме во Скопје. Центарот на градот беше блокиран од прославата, а се слушаше и пукање.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција денеска кажа дека засега се уапсени осум лица кои учествувале во вчерашните инциденти.

    Како што кажа министерот, четворица од нив се сомничат согласно член 319 од Кривичниот законик за кое кривично дело е предвидена казна затвор од минимум една година.

    Тој рече дека сите се млади лица, а еден од нив е и малолетник. Еден од нив е фатен како го пали македонското знаме, а еден како го симнува знамето. Останатите четири лица кои се приведени се уапсени затоа што учествувале во тепачка.

    Од Јавното обвинителство велат дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот.

    На снимки од прославата, објавени на социјалните мрежи, се гледа како се кине, гази со автомобил и се пали македонското знаме.

    Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи имаат политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда.

    „Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот“, кажаа од ВМРО-ДПМНЕ.

    Опозициската СДСМ побара од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија.

    Од ДУИ соопштија дека ја осудуваат „полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме“.

    „Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција“, велат од опозициската партијата.

    Оттаму додаваат дека го осудуваат индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата.

    „Таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту пак стремежите за стабилна соживотност и взаемна почит“, се вели во соопштението на ДУИ.

    Од Левица го обвинуваат МВР и министерот Панче Тошковски дека не презеле ништо за спречување и санкционирање на овие инциденти.

    На прославата во Куманово, едно лице е приведено, затоа што не почитувало наредба на службено лице, а шест автомобили биле оштетени додека траела прославата на албанското знаме вчера од 18 до 22 часот во централно градско подрачје во Куманово. Собирот не бил најавен.

    „Полициски службеници го привеле Б.Џ.(20) од село Липково поради непочитување нанаредба и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок. Исто така, за време на собирот биле оштетени шест патнички моторни возила, констатирани биле 20 мерки по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и една мерка од Закон за возачка дозвола. По целосно расчистување и документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР.

    Прославата на албанското знаме започна околу пладне со одржување на концерт на плоштадот, а беше финансирано од Општина Куманово, но попладне продолжи кога поголема група на луѓе, пеш или со возила со развиорени албански знамиња прошетаа низ градските улици, при што го блокираа сообраќајот. Притоа извикуваа УЧК и удираа по автомобилите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира