Семејството Фузевски на нивната нива во Ресен каде одгледуваат малини и компири, десет години користат компост кои сами го прават од органскиот отпад. Наместо органскиот отпад што се создава во производството да остане неискористен и да се фрла на депонии, Игор Фузевски го претвора во компост што повторно се користи во земјоделството. Вели дека откако користи компост малините и компирот кои го произведуваат се многу повкусни отколку кога употребувал вештачко ѓубриво.
„Компостирањето го започнавме пред околу 10 години како еден начин да се ослободиме од органскиот отпад кој нам ни се јавуваше во нашите насади. Оттука произлезе прво идејата да произведеме едно квалитетно ѓубриво кое потоа пак го враќаме во земјата при производство на нашите производи. Органскиот отпад односно остатоци од јаболка, остатоци од компири, гранки, трева и друго ако не се рециклира на овој начин, најчесто завршува во природата и се создаваат диви депонии. На овој начин, не правиме штета на природата, туку ги користиме благодетите “, вели Фузевски.
Семејството Фузевски одгледуваат малини и компири кои ги продаваат, но и градинарски култури за нивни потреби.
„Откако почнавме со компостирање родот е подобар, малините и компирите се многу повкусни сега. Вкусот е друг бидејќи не користиме хемикалии и вештачки ѓубрива. Сметам дека секој земјоделец треба да користи компост место вештачки ѓубрива“, вели Игор.

Квалитетен компост може да се направи за отприлика три месеци, а смесата треба да се меша на неколку дена за да се одржува влагата.
При процесот на компостирање се реди зелена па кафена смеса односно отпад. Во кафен отпад спаѓаат гранки, сено, пилевина од дрвата за огрев, лисја, додека зелен отпад се тревата и производи кои веќе не можат да се продадат. Наместо да одат на ѓубриште, се редат слој по слој. Квалитетен компост може да се направи за отприлика три месеци, а смесата треба да се меша на неколку дена за да се одржува влагата.
Игор вели дека со компостирањето се заштедуваат пари бидејќи не се купува вештачко ѓубриво, а процесот на компостирање не бара средства. Потребно е само да се купи машина за дробење на гранките.
„Не знам точно колку сме заштедиле, меѓутоа секако дека овој начин покрај што е еколошки е и поевтин. Една вреќа ѓубриво е веќе над 1.000 денари, а со една вреќа многу мала површина може да се наѓубри“, вели Фузевски.
Игор и неговата сопруга Соња велат дека децата од мали научиле да селектираат отпад кој потоа го компостираат.
„Сите сме вклучени во производството затоа што немаме само малинки, имаме нов насад со сливи каде што при садењето, во секоја дупка аплициравме од нашиот компост. Имаме јаболка, садиме и компири. Малините ги продаваме на пријатели, колеги, луѓе кои слушнале за нас“, вели Соња Фузевска.
Семејството Фузевски велат дека планираат преку грантовите кои се доделуваат на земјоделци од Преспа да купат фрижидер за да можат дел од родот да го замрзнуваат и на тој начин ќе ги продаваат малините во текот на целата година.

Игор и неговата сопруга Соња велат дека децата од мали научиле да селектираат отпад кој потоа го компостираат.
Според податоците на Институтот за комуникациски студии кои во соработка со „Еко герила Преспа“, Македонското еколошко друштво од Ресен, а со финансиска поддршка на Европската унија ја спроведуваат кампањата „Преспа, разбуди се за чиста средина“ , низ Преспа има 38 диви депонии со секаков вид отпад. Земјоделскиот отпад, вклучително 8.000–15.000 тони јаболков био-отпад годишно од 74 проценти од земјоделското производство, дополнително ја оптоварува животната средина. Сечењето на јаболкови дрвја создава околу 3.900 тони растителен отпад годишно. Значителна количина на агрохемиски отпад, како 4.050 литри пластични шишиња, 3.950 килограми картонска амбалажа од пестициди и 937 килограми алуминиумски амбалажи од пестициди за време на прскачките сезони, содржат високотоксични супстанции и други хемикалии за заштита на насадите.
Загадувањето од цврст и биоразградлив отпад е идентификувано како значителна антропогена закана за Преспанско Езеро и неговата околина. Сегашната неповолна еколошка состојба во Преспанскиот регион, особено во врска со езерото, е резултат и на неконтролирана контаминација. Главните закани од земјоделскиот сектор вклучуваат загадување на почвата и езерото, губење на видови и живеалишта, и нарушување на природните заедници преку еутрофикација на езерото. Преспанско Езеро се соочува со еутрофикација и загадување од агрохемикалии, што влијае врз дивиот свет и квалитетот на водата. Загадувањето е предизвикано од прекумерна употреба на пестициди, нерегулирано отстранување на хемиска амбалажа и површински истек на токсични супстанции. Поради зголемените концентрации на хранливи материи, тешки метали и приоритетни супстанции како пестициди, референтните услови за добар статус на водата во Преспанско Езеро се значително надминати. Токсичноста на почвата и езерската вода претставуваат сериозни закани за одредени популации на видови. Прекумерната употреба на агрохемикалии исто така има контаминирано делови од почвата и подземните води. За ублажување на влијанијата врз животната средина поврзани со управувањето со отпад, се препорачува имплементација на селекција, собирање, рециклирање и преработка на отпадот.
А. АНТЕВСКА
Фото: Т: ГЕОРГИЕВ




