Сите матични лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија од октомври ќе добијат покачување од 15 отсто на капитацијата, за што Фондот за здравствено осигурување обезбеди дополнителни 465 милиони денари годишно, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Даниел Дончев на денешната прес-конференција. Тој кажа дека со тоа ќе им се овозможи на избраните лекари да ги подобрат материјалните и техничките капацитети, за да можат пациентите да добијат квалитетна здравствена услуга.
„Со тоа што ќе добијат квалитетна здравствена услуга уште кај матичните лекари ќе се растеретат лекарите на секундарно и терциерно ниво. Се поттикнува превентивната здравствена заштита“, рече Дончев и додаде дека ќе направат нов шифрарник на услуги според ефикасни протоколи и упатства.
„Со ова се подобрува методологијата за плаќање на матичните лекари преку вреднување на квалитетот и квантитетот на пружени здравствени услуги. Фондот одвои 62 милиони денари годишно повеќе за зголемување на средствата што ги плаќаат на ординациите од специјалистичка и консултативна здравствена заштита“, рече Дончев и додаде дека ги зголемиле и средствата за надоместокот што го плаќаат на аптеките за одредени лекови, како и за скапите лекови.
Премиерот Зоран Заев рече дека со оваа мерка се зголемува капитацијата за осум денари на матичните лекари и дека со ова се надеваат дека ќе ги мотивираат матичните лекари да вработат и трет или четврт член во тимот. Тој рече дека со тоа се поттикнуваат младите да специјализираат семејна медицина и да останат во земјата.
Министерот зА здравство Венко Филипче рече дека со зголемување на капитацијата кај матичните лекари и во специјалистичко консултативните амбуланти не значи само зголемување на средствата што тие ќе ги добиваат туку и зголемување на превентивните прегледи и соодветно водење на пациентите со хронични болести, кои досега им беа на располагање. Тој рече дека реформите се обмислени со помош на анализите направени од Европската комисија, Светската банка и Светската здравствена организација, а дека се воведува моделот кој се применува во Словенија, кој е најкомпатибилен со нашиот.
„Ќе има посебно и точно определено според протоколи од стручни здруженија и асоцијации дијагностички сродни групи матичните лекари обврзани да бидат повикани според ризик факторите и возраста, ако рано се откријат може лесно да се лекуваат и полесно да се водат пациентите со хронични болести. Како што се карцином на дојка, простата, остеопороза, тироидеа, зголемен крвен притисок, ХОББ, астма и дијабет, прекумерна тежина на децата, психички проблеми, врз основа на протоколи сите пациенти да ги повикаат и да направат електронски запис“, рече Филипче и додаде дека на тој начин ќе се овозможи превентивно делување или рано откривање на болестите кои може да се излекуваат.
Тој објасни дека матичните лекари нема да може да навлезат во стручноста на специјалистите и дека за првичен преглед и натаму ќе мора да ги упатат пациентите кај специјалист, но дека многу лесно можат да ги водат болните со хронични болести и дека така ќе се намали преупатувањето на повисоките нивоа на здравствена заштита.
Е. БОЧВАРОСКА