МЕЏИТИ ГИ ПОВИКА ХИРУРЗИТЕ ДА РАБОТАТ БЕЗ НАДОМЕСТ ЗА ВИКЕНД ЗА ДА СЕ НАМАЛАТ ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ИНТЕРВЕНЦИИ

    МЕЏИТИ ГИ ПОВИКА ХИРУРЗИТЕ ДА РАБОТАТ БЕЗ НАДОМЕСТ ЗА ВИКЕНД ЗА ДА СЕ НАМАЛАТ ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ИНТЕРВЕНЦИИМинистерот за здравство Фатмир Меџити на денешниот настан на ТОАРИЛУЦ. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Фатмир Меџити ги повика македонските хирурзи да го следат примерот на колегите од Ниш, Србија, кои без надомест, изведуваа операции за време на викенд, со цел да се намали листата на чекање за интервенции. Пациентите во Македонија со месеци чекаат за опeрации од секаков вид, и на денешниот настан на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), за овој проблем новинарите го прашаа директорот, д-р Александар Трајановски.

    „Знаеме дека има голем број на пациенти што чекаат за замена на вештачко колено или замена на колк, но сепак наоѓаме простор колку што може, колку што ни дозволуваат условите. Реално, имаме три операциони сали, прва и втора смена, со цел да се намали таа листа на чекање. Листата е голема. Факт е тоа, но сепак, еве во консултација и договор со Министерството за здравство ќе најдеме решение за таа листа побрзо да се намалува. Мислам дека нема пациент кој чека повеќе од 3 до 4 месеци за да се импланира вештачко колено. Не е тоа итна патологија за да мора денес одма да се изведе, сепак има листи на чекање ама мислам дека имаме направено добар систем на Ортопедија и дека пациентите ја добиваат услугата“, рече д-р Трајановски.

    На ова се надоврза министерот, кој е невролог по струка и досега работеше на Клиниката за неврологија, дека упатува предизвик до, како што рече, почитуваните колеги, ортопеди, трауматолози, абодоменални хирурзи.

    „Дајте тоа што беше позитивна приказна во Ниш да ја повториме тука. Да ја ревидираме таа листа на чекање, на операции. Да направиме и ние такво хумано дело со цел да не чекаат толку долго пациентите. Да покажеме дека еве, сакаме да направиме нешто повеќе за општеството, како општествена одговорност. Пред сѐ, ние сме хумани лица“, рече Меџити.

    Хирурзите од нишката Клиника за кардиохирургија на крајот на февруари изведоа 22 операции за три дена и кажаа дека продолжуваат со зафатите и преку викенд без да бараат финансиски надомест за тоа. Тие рекоа дека работат со забрзано темпо за да се намали листата на чекање за операција, бидејќи на некои пациенти им е потребна итна интервенција.

    „И овој викенд, петти по ред, го поминавме работно, оперирајќи ги пациентите од листата на чекање. Првпат го правевме тоа во две операциони сали, па од петокот до неделата извршивме дури 22 операции. Сите оперирани пациенти се добро и без компликации“, изјави директорот на клиниката Драган Милиќ на 23 февруари.

    „Листата на чекање за кардиохируршки операции се намали од 149 на 105. За васкуларните операции нема веќе чекање“, кажа Милиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира