МЕЏИТИ ГО ПОТПИША ТЕНДЕРОТ ЗА НАБАВКА НА СЕНЗОРИ ЗА МЕРЕЊЕ ШЕЌЕР, ВЕЛИ ДЕКА САЛИ ТРЕБАЛО ДА ПОТПИШЕ УШТЕ ВО ДЕКЕМВРИ

    МЕЏИТИ ГО ПОТПИША ТЕНДЕРОТ ЗА НАБАВКА НА СЕНЗОРИ ЗА МЕРЕЊЕ ШЕЌЕР, ВЕЛИ ДЕКА САЛИ ТРЕБАЛО ДА ПОТПИШЕ УШТЕ ВО ДЕКЕМВРИМеџити денеска имал работна средба со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари. (Фото: Министерство за здравство)

    Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ја потпиша одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на сензори за континуирано мерење шеќер во крвта за сите деца со дијабетес, како и бремени жени и слепите лица, кои првпат ќе добијат вакви сензори. Министерството за здравство соопшти дека Меџити денеска имал работна средба со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари и со претседателот на Комисијата за дијабетес, д-р Ирфан Ахмети.

    Сојузот веќе најави дека денес во 19 часот ќе протестираат пред Министерството затоа што со месеци се оставени без терапија. Сојузот претходно реагираше дека поминаа сите рокови и дека се излажани 150 илјади граѓани, или 45 илјади лица со дијабетес на инсулин.

    Претседателот на Сојузот, Диме Велев ни потврди дека денес е потпишан тендерот, но дека сѐдодека не добијат на писмено сѐ што разговарале денеска, нема ништо да изјавува. Протестот останува за вечерва.

    „Правиме сѐ во наша моќ што побрзо се завршат правните процедури кои како институција мора да ги почитуваме. Како што веќе во неколку наврати информиравме, во моментот течат жалбените постапки на набавката на ленти, процедура која не зависи од Министерството. Доколку Второстепена комисија ја одбие жалбата веднаш ќе се пристапи кон склучување на договорот за набавка на ленти и глукометри за пациенти со тип 1 и тип 2“, вели Меџити.

    Тој на претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари им појаснил дека откако ќе стигне решението од Второстепена комисија при Државна комисија по жалби за јавни набавки – одлуката станува конечна, по што веднаш ќе биде склучен договорот за набавка на ленти и глукометри за тип 1 и тип 2 и во најбрз можен рок ќе се почне со распределба во инсулинските аптеки.

    „Сите процедури во рамки на Министерството за здравство се завршени во најкраток рок, навистина жалам што набавката доцни, таа требала да се започне уште во декември од претходното раководство“  рече Меџити. Пред него министер беше Беким Сали.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира