Владејачката Вреди соопшти дека презема конкретни институционални чекори за решавање на долгогодишниот проблем со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, додавајќи дека ова прашање останало блокирано цели две децении за време на претходното владеење на ДУИ.
Според нивното партиско соопштение, барањата на Албанците во државата не се решаваат со празни декларации и политички импровизации, туку со одговорна работа и одржливи модели кои во пракса ги гарантираат граѓанските права.
„Тоа што ДУИ не го реши две децении, ние го решаваме со конкретни чекори: Правосудниот испит ќе се полага и на албански јазик!“, соопштија од Вреди.
Копретседателите Билал Касами и Изет Меџити денеска имаа работна средба со премиерот Христијан Мицкоски. Како што соопштија од Вреди по средбата, на состанокот главниот фокус бил ставен на употребата на јазиците при полагањето на испитот, со цел да се изнајде модел кој ќе биде функционален, долгорочен и целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците.
Во владиното соопштение за средбата се наведува дека преку заеднички, мудар и достоинствен пристап се доаѓа до решенија кои значат напредок, градење на меѓусебна доверба и заедничка иднина.
„Беше нагласено дека само преку заеднички, мудар и достоинствен пристап може да се дојде до решенија кои ќе значат напредок, меѓусебна доверба и заедничко чекорење кон иднината. Соговорниците се согласија дека образованието и знаењето претставуваат темел на секоја современа и успешна држава. Оттука, институциите активно работат на изнаоѓање на решенија кои ќе бидат целосно усогласени со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, со цел обезбедување правна сигурност и функционалност“, велат од Владата.
За денеска попладне во Скопје е закажан втор протест на студентите Албанци. Преку протест тие бараат итно овозможување на правото за полагање на правосудниот испит и на нивниот мајчин јазик.



