Медицинската сестра, која пред една недела се вратила од Рим преку Солун, веднаш се пријавила и не дошла на работа, велат од Клиниката за ортопедски болести, откако на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче беше прашан дали знае за „некоја докторка од Ортопедија, која со ќерка си се вратила од Рим преку Солун и не се пријавила за самоизолација“.
„Медицинска сестра од Клиниката за ортопедија пред една недела била во Рим, се вратила преку Солун, се пријави дека е вратена во земјата и се јави дека нема да дојде на работа за да се самоизолира, како што предвидуваат протоколите. Случајот е веднаш пријавен во Центарот за јавно здравје и за тоа постои уредна документација“, изјави д-р Виктор Камнар, раководител на Клиниката за ортопедија.
Тој потврди дека се применети сите протоколи и препораки препорачани од Центарот за јавно здравје за вакви ситуации со граѓани кои доаѓаат од земји со висок ризик за коронавирус.
М. ИЛИОСКИ