Мецинските сестри со завршено средно, вишо или високо образование во траење од три години од денес до 30 јуни може да се пријават на јавниот повик на Министерството за здравство за работа во патронажните служби. Од Министерството велат дека денес го распишуваат огласот на кој сакаат да видат колкав ќе биде интересот за работа во патронажните служби, кои ќе бидат организирани по примерот трите мобилни патронажни служби, кои веќе функционираат во Кочани, Ресен и Велес.
„Откако ќе се јават на повикот ќе минат обука во рамки на проектот што го работиме со УНИЦЕФ, и од есен да почнат да функционираат. Идејата е да се зајакнат патронажните служби и да се даваат здравствени услуги во домашни услови пред сè во рурални средини и за лица во социјален ризик, но и секаде каде нема никаква здравствена услуга. Сакаме да овозможиме услуги не само за мајките веднаш по породувањето, туку и понатаму ако им е потребно, како и на останатите граѓани кои имаат потреба од домашна посета и нега“, велат од Министерството за здравство.
Од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки велат дека и тие ќе бидат вклучени во овие обуки, и сметаат дека тоа е добра идеја за да се обезбеди здравствена заштита во оние делови од земјата каде таа е недоволна или ја нема.
„Работата во траење од шест месеци ќе се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности од примарна здравствена заштита и во единиците во кои се врши дејноста“, соопшти Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА