МЕМЕТИ ПО ПРЕТРЕСОТ КАЈ НЕГО ДОШОЛ НА РАБОТА И ГИ УБЕДУВАЛ КОЛЕГИТЕ ДЕКА НЕМАЛ ВРСКА СО УАПСЕНИОТ ВРХОВЕН СУДИЈА ГЕОРГИЕВ

    МЕМЕТИ ПО ПРЕТРЕСОТ КАЈ НЕГО ДОШОЛ НА РАБОТА И ГИ УБЕДУВАЛ КОЛЕГИТЕ ДЕКА НЕМАЛ ВРСКА СО УАПСЕНИОТ ВРХОВЕН СУДИЈА ГЕОРГИЕВ„Не знам што правел Наќе, јас немам врска со него, а не сум ни бил кога го фатиле со парите“, ги убедувал Мемети колегите. (Фото:СДК.МК)

    Осомничениот член на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, за кого Обвинителството за организиран криминал и корупција соопшти дека е под истрага ама за него не бара притвор, дошол денеска на работа.

    Како што дознаваме, ги собрал членовите на Советот, ги убедувал дека немал врска со уапсениот врховен судија Наќе Георгиев за кого се бара притвор за мито од 10.000 евра.

    „Не знам што правел Наќе, јас немам врска со него, а не сум ни бил кога го фатиле со парите“, ги убедувал Мемети колегите.

    Подоцна попладнево, Јавниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост спрема Мемети, и тоа одземање на пасошот и личната карта и мерките да траат додека постои потреба, а најдоцна до правосилноста на пресудата.

    Мемети и Георгиев се осомничени за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во ОЈО за организиран криминал и корупција.

    Синот видел дека го лажеле двајцата, па ги пријавил во МВР, каде му дале обележани банкноти. Кога му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатиле Георгиев на дело.

    Основниот кривичен суд Скопје чека Наќе Георгиев да биде донесен пред судија на претходна постапка, откако ноќеска Судскиот совет на итна седница му го одзеде судискиот имунитет и даде согласност за мерка притвор.

    Мемети порано беше министер за правда, потоа 16 години Народен правобранител (два мандата). Кратко беше без голема функција, Парламентот го избра за член на Советот на јавни обвинители, иако во животот не видел обвинение.

    Ќерка му се запиша и заврши Академија за судии, сега очекува да ја изберат за судија. Нејзиниот сопруг исто така завршил Академија, сега е обвинител во Гостивар.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира