МЕМЕТИ ПОБАРА ОД ВЛАДАТА ДА ГИ СПРОВЕДЕ МЕРКИТЕ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ОТКАКО ПРАТЕНИЦИТЕ ГИ ИЗИГНОРИРАА

    МЕМЕТИ ПОБАРА ОД ВЛАДАТА ДА ГИ СПРОВЕДЕ МЕРКИТЕ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ОТКАКО ПРАТЕНИЦИТЕ ГИ ИЗИГНОРИРААСпоред законот, Собранието треба да биде заштитник на народниот правобранител и да обезбеди гаранција дека Владата ќе работи на сите забелешки и предложени мерки од Обмудсманот. - Народниот правобранител Иџет Мемети на денешната прес-конференција (Фото: М. Златевска)

    Народниот правобранител Иџет Мемети до Владата ќе ги достави мерките за подобрување на влошените состојби со човековите права и слобода кои што тој ги констатирал затоа што вчера пратениците не сакаа да ги видат и чујат, а камоли да го изгласаат неговиот извештај во Собранието.

    „Ќе барам Владата да ги стави мерките на седница и да ги задолжи државните органи да ја поправат состојбата. По шест месеци ќе барам да ме информира Владата до каде е остварувањето на мерките кои што ќе ги предложам“, рече на денешната прес-конференција Мемети, револтиран што вчера иако имало, како што рече, над 61 пратеник присутни во собраниската сала, сепак, годишниот извшетај за состојбата со човековите права и слободи во македонија и пакетот мерки за нивно подобрување пратениците не го изгласаа.

    „Имаше доволен број пратеници, но на гласањето не гласаа сите за да помине извештајот“, кажа Мемети и обвини за дрско кршење на Законот за народен правобранител, според кој што Собранието треба да биде заштитник на народниот правобранител и да обезбеди гаранција дека Владата ќе работи на сите забелешки и предложени мерки од Обмудсманот, што е и стандард и барање поставени од Рајнхард Прибе.

    Дополнително, според новиот Закон за народен правобранител од април годинава, Собранието мора да го усвои извештајот на Омбудсманот и да ја задолжи Владата да ги исполни зададените мерки.

    „А што сакав како Народен правобранител да му кажам на Собранието и што е тоа што пратениците сакаа да го чујат? Ќе наведам неколку мерки. За полициските овластувања предложив да се зајакне надворешниот контролен механизам врз работата на полицијата и обвинителството. Барам да се укине комисијата за прекршоци во МВР. Барам да се избришат гумените куршуми и електричниот парализатор како средства за присилба што ги користи полицијата. Од областа на судството, побарав на Управниот суд да му се помогне да одлучува полесно и побрзо. Да се преиспита можноста Државниот правобранител да може да вложува жалба на одлука на Управен суд. Извршителите да не смеат да блокираат трансакциски сметки во банка. Барам мерки во затворите да се подобрат условите, да се подобри безбедноста во затворите и да се подобрат здравствените услови. Побарав надградба на системот МојТермин зашто настана хаос во здравството. Децата на улица да се запишат во матичните книги за да имаат идентитет…“ кажа Мемети.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира