МЕНДУХ ТАЧИ ЌЕ ГО БАРА МАНДАТОТ ОД ИВАНОВ ЗА ДА ФОРМИРА ВЛАДА

    МЕНДУХ ТАЧИ ЌЕ ГО БАРА МАНДАТОТ ОД ИВАНОВ ЗА ДА ФОРМИРА ВЛАДА

    Мендух Тачи, кој по изборите на 11 декември поднесе оставка од претседателското место во ДПА по денешната седница на Централното собрание на партијата изјави дека се вклучУва во разговорите за формирање Влада и најави дека и тој ќе го побара мандатот од Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов да се обиде да формира Влада.

    “Централното собрание ме овласти да ги почнам разговорите со сите чинители и првиот состанок ќе го барам со Иванов. Ќе барам од него да ме мандатира за Премиер за следната Влада. Изгледа смешно, но и јас се смеам кога некои други бараат мандат“, изјави Тачи и додаде дека „Груевски зеде мандат но не направи Влада и ќе се смеам со тоа“.

    Тој вели дека е  99 посто сигурен оти Иванов нема да му го даде мандатот. „Сигурно ќе ми кажува да соберам 61 пратеник, после тоа јас ќе се обидам да соберам 61 пратеник како што и другите се обидуваат“ изјави Тачи по завршувањето на седницата.

    Тој најави дека ќе разговара и со Заев околу можностите да стане дел од новата Влада.

    “Ве уверувам дека имам сериозен пристап кога ќе одам кај Иванов. Сакам да кажам дека манипулацијата со гласови не е математика, тоа е политика. Ако сакаме сериозно политички да се разбереме тогаш треба да отвориме и сериозен разговор. Имаме политичка криза која продолжува и се продлабочува. Некои се загрижени дека таа криза може да се продолжи во етничка криза и затоа треба сите да седнеме и да разговараме и да се договориме. Бројките тогаш не се проблем за формирање Влада, изјави Тачи.

    На денешното Централно претседателство на партијата освен што се анализирани резултатите од парламентарните избори донесена е одлука Мендух Тачи и понатаму да ја води партијата.

    “Прифатив да ја водам партијата на локалните избори како претседател, но направивме еден компромис со Централното собрание, веднаш по завршувањето на изборите да одржиме конгрес на партијата на кој, сите позиции, од мојата па надолу, ќе можат да се сменат во зависност од остварениот резултат на локалните избори“ рече Тачи.

    Веднаш по објавувањето на резултатите од парламентарните избори поради слабиот резултат тој поднесе оставка на функцијата претседател на ДПА. ДПА освои само два мандати. Пратениците на ДПА не се појавија ниту на првата седница на новиот парламент а до сега партијата не беше вклучена ни во преговорите за обезбедување пармалентарно мнозинство.

    З. Андонов

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира