МЕСТО СИТЕ ОДЕДНАШ, ВО СОБРАНИЕТО ОСТАВКИТЕ ОД ПРАТЕНИЧКИТЕ МЕСТА НА ИДНИТЕ МИНИСТРИ СЕ ДАВАА ЕДНА ПО ЕДНА ЗА ДА ИМА КВОРУМ, ВМРО-ДПМНЕ СИ ЗАМИНАА

    МЕСТО СИТЕ ОДЕДНАШ, ВО СОБРАНИЕТО ОСТАВКИТЕ ОД ПРАТЕНИЧКИТЕ МЕСТА НА ИДНИТЕ МИНИСТРИ СЕ ДАВАА ЕДНА ПО ЕДНА ЗА ДА ИМА КВОРУМ, ВМРО-ДПМНЕ СИ ЗАМИНААКомисијата за избори и именувања да ги предлага новите пратеници на местото на идните министри што си даваат оставки, а не верификационата комисија која веќе не постои, побара пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред да ја напушти работата на Собранието по оваа точка. - Од пратеничката функција си даде оставка мандатарот Зоран Заев, па ДИК се состануваше и ѝ даваше уверение на пратеничката Драгица Ѓавочанова, 11-та на листата на СДСМ во четвртата изборна единица (Фото:СДК.МК)

    Цел ден Собранието паузираше и се состануваше само за верификации на нови пратеници, бидејќи пратениците кои треба да бидат предложени во новата влада еден по еден даваа оставки, за да може да има кворум. Мнозинството во Собранието има 62 пратеници, само еден повеќе од неопходната бројка.

    Првин се одзеде време за верификацијата на новиот пратеник Бедри Фазлиу, кој дојде на местото на Фљорин Бесими, брат на предложениот министер за финансии Фатмир Бесими. Потоа од пратеничката функција си даде оставка мандатарот Зоран Заев, па ДИК се состануваше и ѝ даваше уверение на пратеничката Драгица Ѓавочанова, 11-та на листата на СДСМ во четвртата изборна единица што ја предводеше на изборите мандатарот Зоран Заев.

    Собранието подоцна попладнето ја изгласа и неа. Потоа се премина на оставката на Љупчо Николовски од СДСМ, предложен за вицепремиер за борба против корупцијата и за човечки ресурси.

    „Ја замолувам Државната изборна комисија што побрзо да даде уверение на следниот пратеник на листата, на местото на Николовски“, рече Џафери и пак ја прекина седницата додека не се случи тоа.

    Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски рече дека избран е овој начин поради однесувањето на опозицијата.

    Вкупно девет пратеници стануваат министри и сите поднесоа оставки и беа верифицирани нови пратеници место нив, по истиот бавен начин.

    Во меѓувреме, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти работата на Собранието за оваа точка.

    „Ако парламентарно мнозинство макар и предводено од ВМРО-ДПМНЕ во минатото го кршело Собранискиот деловник со тоа што терало со верификациона комисија, место со Комисијата за избори и именувања, која е таа што треба да ги предлага новите пратеници од листите, терајте си. Со тоа само ги делегитимирате новите пратеници, бидејќи верификационата комисија на собранието не постои, од моментот кога се конституираше Собранието“, рекоа Димитар Апасиев (Левица) и Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ), пред ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти салата.

    Пратеничката Гордана Давкова-Силјановска рече не ја интересира како претходно работела ВМРО-ДПМНЕ и оти бара овој парламентарен состав да почне да го почитува Деловникот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира