МИ ПОБАРАА ЦРВИ ЗА РИБИТЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЕДЕН ОД РИБАРИТЕ КОИ ПОСЛЕДНИ ГИ ВИДЕЛЕ ЖИВИ УБИЕНИТЕ ДЕЦА КАЈ СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО

    МИ ПОБАРАА ЦРВИ ЗА РИБИТЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЕДЕН ОД РИБАРИТЕ КОИ ПОСЛЕДНИ ГИ ВИДЕЛЕ ЖИВИ УБИЕНИТЕ ДЕЦА КАЈ СМИЛКОВСКО ЕЗЕРООбвинетите од „Монструм“ пред Основниот суд Скопје 1 за претходно рочиште. (Фото: СДК.МК)

    Откако се онесвести првиот сведок од четворицата Роми-рибари кои на 12 април 2012 година последни ги виделе живи четирите момчиња на Смиљковското езеро, пристапи да сведочи вториот, Кемал Несим. Но, и тој имаше проблеми со меморијата, но си кажа дека во целост останува на првичната изјава дадена пред истражен судија.

    Единствената средба со момчињата живи, кои таму дошле со бел автомобил, била околу 16 часот. Тие таму дошле со рибарска опрема. Едниот од нив на сведокот му побарал црви, а овој му рекол дека нема црви, за мамец користел лепче. Ловеле малку, па си заминале од таа страна на езерото, тврди сведокот.

    Вечерта на смрачување околу 17.30 часот кога си тргнале дома, по земјен пат за да стигнат до асфалтот, сведокот видел темно долго возило и возач внатре. Одеднаш пред нив излегол вооружен човек со автоматска пушка, кој им рекол: „Стој, полиција!“.

    Им кажал да бегаат, за да не ги убие. Зад него имало уште три-четири непознати лица. Рибарите се исплашиле и се вратиле назад кај што ловеле риба. Претходниот сведок, кој е со слаб слух, рече дека чул еден истрел. Кенан, пак, чул рафална стрелба.

    По 2 часа криење, некаде по 19 часот, исплашените рибари сепак тргнале да си одат од местото. Веќе било црна темница. Буткајќи го мотоциклот со приколка, наишле на пречка.

    „По воланот осетив дека поминуваме преку легнати луѓе“, рече сведокот.

    Тогаш виделе сив автомобил со запалени светла во правец на езерото, со отворени врати. По ова, си заминале набрзина од местото, двајца со моторот, двајца со синот на Ахмет Бекир, кој дошол со автомобил да ги собере горе од асфалтниот пат. Утредента рибарите биле однесени во полиција да дадат изјави.

    Малку посвежи беа сеќавањата на следниот сведок. Тој тврдеше дека биле прашувани како се викаат од лицето со автоматската пушка.

    „Слушнав пукање. Слушнав силна рафална стрелба. Се тресеше земјата, се тресеше тревата. Како по нозе некој да ни пукаше“, сведочеше Бајрам Мемедов.

    Судењето за „Монструм“ се случува по вторпат, откако Врховниот суд ги укина шесте тешки затворски казни, по што осудените беа пуштени од притвор, а СЈО го презеде случајот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира