МИЈАЛКОВ ГО ДОНЕСОА, ПА ГО ВРАТИЈА ВО СТРУГА, 200 ЕВРА ПАРИ НА ГРАЃАНИТЕ ЧИНИ ДЕНЕШНОТО ОДЛАГАЊЕ НА ВТОРИОТ СТАРТ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    МИЈАЛКОВ ГО ДОНЕСОА, ПА ГО ВРАТИЈА ВО СТРУГА, 200 ЕВРА ПАРИ НА ГРАЃАНИТЕ ЧИНИ ДЕНЕШНОТО ОДЛАГАЊЕ НА ВТОРИОТ СТАРТ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Во струшкиот затвор пресметуваат дека покрај за бензин и амортизација, плаќаат и за полициската придружба на комбето (Фото:СДК.МК)

    Денешното одлагање на почетокот на повтореното судење за незаконското масовно прислушување „Тврдина-Таргет“, го чини затворот „Струга“ 150 евра, а „Идризово“ околу 50 евра.

    Овојпат беше погодена наредбата за спровод од Струга на обвинетиот за прислушувањето Сашо Мијалков, но беше утната за обвинетиот Тони Јакимовски. Јакимовски не се појави на денешното рочиште поради тоа што, како што појасни самиот судија, направил превид при канењето за денес. Тој пуштил судска покана до Јакимовски, а требало наредба за спровод, бидејќи бил во куќен притвор.

    Судењето се одложи за утре, по што Мијалков беше вратен во затворот во Струга, каде што е на издржување на затворската казна за случајот „Империја“ каде призна вина.

    „Пресметките се околу 150 евра за гориво за затворското комбе за спровод (одење и враќање до Скопје), но и за полициската асистенција која е задолжителна. Ние немаме доволен број затворски полцајци, мора да користиме придружба од МВР, а тие работни часови ги плаќаме од буџетот на затвор ‘Струга’“, ни изјавија од струшкиот затвор.

    На денешното рочиште беше донесена и вратена од затворот „Идризово“ и Гордана Јанкулоска, каде издржува казна за мерцедесот на Никола Гуевски. Тој трошок за затворот е околу 50 евра.

    Обвинението на Мијалков му застарува за две години. Нема ништо да се признае од првото судење, кое го укина и врати Апелациониот суд,. Ќесведочат сите сведоци.

    За застарувањето најголема заслуга има судијата Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје кој го чуваше во фиока предметот „Тврдина-Таргет“ 9 месеци. Тој не само што не одговара пред Судскиот совет за ова нестручно и несовесно работење, туку и се кандидира за судија во Врховниот суд.

    Мијалков со пресудата што ја укина Апелациониот суд Скопје, беше осуден на 12 години затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира