Судијката Џенета Бегтовиќ од Основниот суд Скопје 1 ги одби предлозите на обвинетите ексдиректор на УБК Сашо Мијалков и на Валентина Симоновска од УБК да бидат прекинати постапките против нив за масовното нелегално прислушување во случајот „Тврдина-Таргет“ на СЈО. Тие на минатото рочиште побараа да бидат изземени од „Тврдина-Таргет“ зашто биле аболицирани од претседателот Ѓорге Иванов.
За нивната аболиција рече Бегтовиќ, судот веќе решавал и се изјаснил во претходните постапки.
На 19 јуни, Судот ги издвои во посебна постапка избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, како и Гордана Јанкулоска, која тогаш беше со ризична бременост, но СЈО побара денеска да се врати таа во овој предмет, бидејќи се породи и се јавува на други судења.
Обвинетите Владимир Варелов (со чиј идентитет Грујевски избега од Македонија), Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исаковски и Надица Николиќ од УБК, не беа на списокот на аболицирани на Иванов.
С. К. ДЕЛЕВСКА