МИЈАЛКОВ ЌЕ БИДЕ СПРОВЕДЕН ВО ШУТКА, СУДИЈКАТА БЕГТОВИЌ ЈА ПРЕИНАЧИ ОДЛУКАТА НА СВОИТЕ КОЛЕГИ ЗА КУЌЕН ПРИТВОР

    МИЈАЛКОВ ЌЕ БИДЕ СПРОВЕДЕН ВО ШУТКА, СУДИЈКАТА БЕГТОВИЌ ЈА ПРЕИНАЧИ ОДЛУКАТА НА СВОИТЕ КОЛЕГИ ЗА КУЌЕН ПРИТВОРМијалков претходно денеска беше првостепено осуден на затворска казна во траење од 12 години. (Фото: К. Попов)

    Судијката Џенета Бегтовиќ, на барање на обвинителката Ленче Ристовска, на Сашо Мијалков му одреди мерка притвор. Може да се жали, но жалбата не го одлага спроведувањето на решението. Тој ќе биде спроведен во затворот во Шутка.

    Притворот за Мијалков може да изнесува најмногу 60 дена, затоа што се работи за обвинителен предлог, а не за обвинителен акт. Обвинителен предлог е поднесен заради брзина и економичност на постапката.

    Обвинителката Ленче Ристоска кажа дека законодавецот треба убаво да размисли дали треба вака да остане одредбата: за обвинителен предлог, покрај скусувањето на другите рокови, да има пократки рокови и за должината на притворот.

    „Се покажа еве дека и со обвинителен предлог се бара одговорност за сериозни кривични дела. Прашање е дали времетраењето на притворот не треба да се врзе всушност со акумулацијата на кривични дела, а не со тоа дали било обвинителен предлог, или обвинителен акт”, појасни Ристоска на прашање на новинарите.

    Мијалков претходно денеска беше првостепено осуден на затворска казна во траење од 12 години дека како директор на УБК формирал злосторничко здружување и злоупотребувајќи ја службената положба и овластувањата од 2008 до 2015 година масовно прислушувал на стотици граѓани, незаконски, без судски наредби.

    По изрекувањето на 12-годишната затворска казна против Сашо Мијалков, обвинителката Ленче Ристоска побара притвор, велејќи дека има известувања од МВР, како од полициската станица што го чува, така и од БЈБ, според кои не поседуваат технички можности за 24-часовен електронски и видеонадзор. Таа кажа и дека преку Еуропол потврдено е дека Сашо Мијалков има дозвола за престој , домашна адреса, а поседува и два автомобила во Прага.

    Ристоска побара ефективен притвор за Мијалков и во неделата, непосредно пред неговото бегство, но кривичниот совет на Основниот кривичен суд, составен од судиите Илија Трпков, Огнен Ставрев и Васка Масевска-Николовска, одлучи дека тоа е престрога мерка и му определи куќен притвор на обвинетиот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира