МИЛОШОСКИ, ВЕЉАНОСКИ, ДИМОВСКИ, ЗМЕЈКОВСКИ И ДРУГИ ВИДНИ ВМРОВЦИ БАРААТ ОДЛАГАЊЕ НА КОНГРЕСОТ ВО ВАЛАНДОВО ОТИ СЕ ФАВОРИЗИРА ЕДЕН КАНДИДАТ

    МИЛОШОСКИ, ВЕЉАНОСКИ, ДИМОВСКИ, ЗМЕЈКОВСКИ И ДРУГИ ВИДНИ ВМРОВЦИ БАРААТ ОДЛАГАЊЕ НА КОНГРЕСОТ ВО ВАЛАНДОВО ОТИ СЕ ФАВОРИЗИРА ЕДЕН КАНДИДАТМеѓу потпишаните на писмото за одлагање на Конгресот на 23 декември во Валандово се и пратениците Илија Димовски, Антонијо Милошоски и Трајко Вељаноски. (Фото: СДК.МК)

    Триесет видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и пратениците Илија Димовски, Антонијо Милошоски и Трајко Вељаноски, бараат највисоките партиски тела да донесат одлука за одложување на вонредниот конгрес во Валандово од 22 и 23 декември на 24 и 25 февруари следната година за, како што велат во писмото до медиумите, да се даде шанса за демократски и транспарентна постапка за избор на нов претседател на партијата. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 10 декември ја прифати оставката на претседателот Никола Груевски.

    „Сакаме да спроведеме Конгрес кој што нема да ја има хипотеката на демократски дефицит и нелојална конкуренција при изборот на Претседател. Информациите од членството на терен говорат дека во спроведување на процедурата за избор на Претседател на ВМРО-ДПМНЕ има еден кандидат кој е очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво. Се користат партиски ресурси само за еден кандидат. Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат. Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат. Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат. Се на се, жалиме што мораме да констатираме дека Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 22 и 23 декември под овие околности не гарантира демократски и транспарентен процес за легитимен избор на Претседател на партијата“, стои во соопштението на кое се потпишани 30-тина видни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

    Партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека во партијата отворено се лобира и се врши притисоци да се дадат потписите за генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски, кој е еден од кандидатите за наследник на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тие предлагаат Извршниот комитет и Централниот комитет на партијата да донесе неколку решенија за постапката за избор на лидер да биде демократска.

    ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ да донесе одлука за зголемување на бројот на делегати на Конгресот од 544 на најмалку 5.000 делегати. Да се одложи конгресот ВМРО-ДПМНЕ и да се назначи колективно Претседателство кои ќе ја раководат партијата до одржување на Конгресот. Да се забранат користење на партиската инфраструктура за потребите на било кој кандидат. Да се овозможат делегатите да ја пријават секоја принуда, закана или притисок од било кој кандидат или негови официјални претставници и да постапува за да ги расчисти и отстрани таквите појави. Да се забрани на официјални лица на раководни позиции да ја користат партиската инфраструктура во полза на еден кандидат, да се овозможи на актуелните претседатели на Општинските комитети и актуелните пратеници да бидат делегати на Конгресот.

    Потписници на соопштението се Борис Змејковски, Владо Трнталовски, Васил Наумов, Дијана Трнталовска, Драги Арсов, Ѓорги Боев, Ѓорги Наумов, Трајко Вељаноски, Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Иван Иванов, Благоја Деспотоски, Крсто Јовановски, Жарко Караџоски, Никола Бакрачески, Борче Стамов, Марта Арсовска Томовска, Илчо Захариев, Трајчо Димков, Магдалена Манаскова, Слаѓана Митовска, Ристо Манчев, Павле Саздов, Александар Колев, Горан Манојловски, Александар Митов, Нола Исмајлоска Старова, Милан Ристевски, Нада Ципушева, Невенка Стаменковска.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира