МИНЧЕВ ОЗНАЧИ ПОЧЕТОК НА РЕФОРМИТЕ ВО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ОДОЛГОВЛЕКУВАНИ 30 ГОДИНИ, ТАРАВАРИ КАЖА ДЕКА ПРОБЛЕМИ СО ЕТНИЧКАТА ЗАСТАПЕНОСТ НАВИСТИНА ИМА, НО ЌЕ СЕ РЕШАТ СО ЕФИКАСЕН ЗАКОН

    МИНЧЕВ ОЗНАЧИ ПОЧЕТОК НА РЕФОРМИТЕ ВО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ОДОЛГОВЛЕКУВАНИ 30 ГОДИНИ, ТАРАВАРИ КАЖА ДЕКА ПРОБЛЕМИ СО ЕТНИЧКАТА ЗАСТАПЕНОСТ НАВИСТИНА ИМА, НО ЌЕ СЕ РЕШАТ СО ЕФИКАСЕН ЗАКОНМинчев кажа дека балансерот што се укина беше алатка за злоупотреби, а Таравари од друго место рече дека Уставниот суд за 100 дена реши да ги извади на површина проблемите кои седат со години, 4-5 години и соопшти дека нов закон е готов место злоупотребуваниот балансер. (Фото:СДК.МК)

    На денешниот отчет за 100-те дена Влада, министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска кажа дека во овој период неговото Министерство започна процес што, според него, конечно значи  почеток на реформите во јавната администрација.

    Еден од првите чекори во неговиот мандат е промената на формулата во методологијата за пресметка на правична застапеност на етнички заедници, балансер. Неа вчера ја укина Уставниот суд.

    Во исто време, од друго место, министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека веќе е напишан предлог-закон со кој сепак ќе се брои правичната застапеност во администрацијата, загарантирана со Уставот, а не застапеноста да се остави пак да оди на база на слободна проценка.

    Таравари денеска во одговор на новинарско прашање за укинувањето рече дека бидејќи етничката припадност е уставна категорија, неопходен е нов закон.

    „Уставниот суд за 100 дена реши да ги извади на површина проблемите кои седат со години, 4-5 години. Тоа се проблеми коишто треба да се решат. Мислам дека етничката припадност е веќе уставна категорија. Се надевам дека набргу ќе има нов закон. Кога е уставна категорија треба да има и закон. Ќе има нов закон во којшто ќе се предвиди застапеност не само етничка, туку и на сите категории на луѓе коишто живеат во државата да имаат правична застапеност во институциите на системот, во институциите на државата. Ние очекуваме, законот е готов од наша страна, очекуваме и мислења коишто доаѓаат од меѓународни експерти и од Европската комисија и се надевам набргу ќе го процесуираме законот во Парламентот“, кажа рече Таравари.

    Уставниот суд вчера на седница донесе одлука за укинување на балансерот, алатката за вработување според национална припадност во државните институции.

    Сепак, сите се согласни дека алатката балансер создадена за правична застапеност на заедниците во министерствата, агенциите, институциите, органите на државната управа, беше честопати злоупотребувана.

    Таа злоупотреба на балансерот е регистрирана и аргументирана. Дигиталната алатка балансер всушност ја изгуби намената за која беше создадена. Оваа ситуација е нотирана и во скрининг-извештајот на Европската комисија. Во Законот за вработени во јавниот сектор е децидно наведена формулата за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници. Таа се однесува исклучиво за населението кое што живее на територија на Република Македонија, односно на резидентното население, согласно податоците добиени од последниот попис во 2021 година. Затекнатата состојба за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници од претходната Влада не беше во законски рамки. На иницијатива на новата Влада и на Министерството за јавна администрација, таа аномалија беше отстранета и формулата за пресметка беше сменета“, рече министерот Минчев на отчетот во првите 100 дена од мандатот.

    Минчев кажа дека е почнат процес на реформи кој има цел да ја подобри ефикасноста, транспарентноста и професионалноста на јавната администрација и да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите.

    Како дел од реформите ставена е во процедура законската регулатива за формирање Академија за професионален развој и обука на административни службеници. Оваа академија ќе обезбеди континуирана едукација, опремување на постоечките службеници со знаења и вештини за професионално и ефективно извршување на нивните должности, со одржување на највисоките европски стандарди.

    Во првите 100 дена на Министерството за администрација, започнато е со регулирање на Националното координативно тело за управување со квалитет.

    „Во согласност со последните измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, направивме измени во формирањето на Национално координативно тело за управување со квалитет. Ова тело ќе служи како централна точка за координација и надзор на иницијативите за управување со квалитет низ сите државни институции. Неговата улога ќе биде да обезбеди конзистентна примена на стандардите за квалитет, да го унапреди споделувањето на најдобрите практики и да го следи перформансот на јавниот сектор, со цел негово постојано подобрување. Со централизација на координацијата на управување со квалитет, ќе обезбедиме сигурност дека реформите не се фрагментирани, туку се применуваат сеопфатно низ сите нивоа на власта, што директно ќе им користи на граѓаните преку попаметни, попродуктивни и поодговорни јавни услуги“, рече Минчев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира