Лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција денеска предложи мерки за справување со економската криза предизвикана од епидемијата на КОВИД-19, кои вклучуваат државата да обезбеди минимална плата за секој вработен во приватните фирми погодени од кризата, како и минимална плата за сите вработени во јавниот сектор. Од предложените мерки се изземени медицинскиот персонал, полицајците и војниците.
„Државата ќе обезбеди минимална плата од 14.500 денари за април и мај за секој вработен за приватните фирми погодени од кризата. Фирмите сами ќе си платат придонеси и персонален данок. Фирмите кои ќе аплицираат не смеат да делат дивиденди и да отпуштаат работници. За оваа мерка државата ќе одвои околу 120 милиони евра. Сите функционери и раководители одат на минимална плата, сите избрани и именувани функционери, пратеници, премиер, вицепремиери, министри, градоначалници, директори судии и обвинители ќе земаат минимална плата од 14.500 денари во месеците април и мај. Сите вработени во јавниот сектор одат на минимална плата. Оваа мерка не се однесува на медицински персонал, полицајци и војници и оние кои работат со нив во справување со коронавирусот“, кажа Заев, презентирајќи ги мерките кои владејачката СДСМ ќе ѝ ги предложи на Владата.
Тој најави и 7 илјади денари месечно по домаќинство за невработени или вработени во неформална економија.