МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА ПЕТРОВСКА БАРА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЖЕЛИНО ДА ГО ЧИТА ЗАКОНОТ И ДА НЕ МУДРУВА ЗА СПОМЕНИКОТ КАЈ КАРПАЛАК

    МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА ПЕТРОВСКА БАРА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЖЕЛИНО ДА ГО ЧИТА ЗАКОНОТ И ДА НЕ МУДРУВА ЗА СПОМЕНИКОТ КАЈ КАРПАЛАКПетровска кажа споменици ќе има на трите локации: Карпалак, Вејце и кај Љуботенски бачила (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Желино нека не мудрува и нека постапи по иницијативата која е читко и јасно напишана, каде се цитирани одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, му одговара министерката за одбрана Славјанка Петровска на градоначалникот Блерим Сејдиу, кој ја прати кај ЈП за Државни патишта да бара дозвола за градба на споменик на загинатите бранители кај Карпалак. Карпалак е во Општина Желино.

    „Во услови кога градбите на пола општина му се дивоградби не е баш умесно да ми дава правни совети“, ни изјави министерката Петровска.

    Таа на 8 август, откако се поклони на речиси необележаното место кај што во 2001 беа убиени 10-темина резервисти на АРМ кај Карпалак на веќе склучено примирје на безбедносните сили со припадниците на паравоената ОНА, кажа дека бара дозвола од Општина Желино за изградба на достојно спомен-обележје на тоа место.

    Веднаш следуваше одговор од градоначалникот: „И јас како градоначалник ако сакам да градам на самиот автопат некој споменик не ќе можам. Морам да се обратам до ЈП за Државни патишта. Значи, Законот го вели тоа. Плус тоа, таму нема урбанистички проект. Законот вели така. Треба да се урбанизира прво, да се види дали има услови, итн., итн. Но во самиот автопат, каде што е предвидено за тоа директно е надлежен ЈП за Државни патишта“.

    Вчера  пак, градоначалникот на Бутел Дарко Костовски, на одбележувањето исто така на 22 години од загинувањето на осумтемина припадници на резервниот состав на АРМ кај Љуботенски Бачила над Скопје на веќе склучено примирје во 2001, кажа дека тој ќе дал простор за споменик за жртвите кај Карпалак. Кажа и дека општинскиот совет е подготвен да донесе одлука да се отстапи простор за спомен-обележје на загинатите кај Љуботенски Бачила. Но, не кажа дека и тоа е иницијатива на Петровска.

    „Драго ми е што го охрабрив градоначалникот на Бутел после 2 години од неговиот мандат да почне да размислува за ваков споменик. Го охрабрувам да постапи по иницијативата на Министерството за одбрана, наместо да прави популизам од оваа тема“, ни рече Петровска.

    Таа додава дека деновиве се воздржувала од коментари на сè што беше кажано во врска со иницијативите за споменици и не сакала да се впушта „во квазиполитички дебати“, поради искрената почит која ја има кон загинатите бранители и нивните семејства.

    „Споменици ќе има на сите три локации за кои поднесов иницијатива и тоа ќе го направи Министерството за одбрана. Поднесувањето на иницијативите е само почеток, а не крај на постапката“, вели Петровска.

    Таа до Општина Тетово пред неколку месеци има поднесено иницијатива за градба на спомен-обележје и за масакрираните војници кај Вејце. Општината уште не му одговорила на Министерството за одбрана. Во медиумите имаше информација дека советниците гласале дали таа иницијатива да ја стават на дневен ред, но мнозинство немало, па не ја ставиле.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира