МИНИСТЕРОТ САЛИ ВЕЛИ ДЕКА САМО 25 ПРОЦЕНТИ ОД МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ШТРАЈКУВААТ СО БОЈКОТ НА РАБОТАТА

    МИНИСТЕРОТ САЛИ ВЕЛИ ДЕКА САМО 25 ПРОЦЕНТИ ОД МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ШТРАЈКУВААТ СО БОЈКОТ НА РАБОТАТАОд Здружението велат дека штрајкуваат 90 отсто приватни лекари; - Од протестот на 7 април. (Фото: СДК.МК)

    Според министерот за здравство Беким Сами, само мал дел од матичните лекари, околу 25 проценти, се придружија кон како што вели „штрајкот со бојкот на работата“, а поголемиот дел не се дел од оваа ситуација „каде подебелиот крај го извлекуваат пациентите“. Матичните лекари вчера го започнаа тридневниот протест со кој се бара зголемување на капитацискиот бод поради порастот на трошоците за живот. Лекарите се на работните места и примаат само итни случаи, но не издаваат упати и рецепти.

    „Не сите матични лекари, односно од примарното ниво, штрајкуваат. Ова не е протест, ова е штрајк со тридневно изразување револт кон политиките на Министерството за здравство. И во минатиот период повикав на разбирање и заедничка соработка затоа што пациентите не треба да бидат жртва на одредени политики кои доцнат. Очигледно, ние како Министерство не успеавме да убедиме само еден мал дел, тоа се 25 проценти од матичните лекари, две здруженија од трите поголеми здруженија на матичните лекари не се дел од штрајкот и не се вклучија во бојкотот на работата во кој подебелиот крај го извлекуваат пациентите, а не системот. Измени во системот се прават преку разговори, а не преку штрајк во кој пациентите се тие што патат“, рече министерот Сали.

    Наспроти неговото тврдење дека само мал дел од лекарите штрајкуваат со бојкот на работата, доктор Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ) вчера изјави дека дури 99 отсто од колегите го почитуваат и поддржуваат протестот.

    Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија даде поддршка на протестот на матичните лекари и на Здружението на приватни лекари, како релевантни претставници кои „ги обединуваат и артикулираат ставовите и интересите на најголем број од лекарите и здравствените установи во примарната здравствена дејност“.

    „Барањата на матичните лекари се легитимни и реални, а системот е неодржлив, за што доказ се големиот број на проблеми кои се јавуваат. Комора на приватно здравство која обединува повеќе сегменти на приватни здравствени установи дава целосна поддршка на протестот на матичните лекари и уште од јануари апелира на дијалог“, соопшти д-р Тања Дејаноска, претседателка на Комората за приватно здравство.

    Преку својот претставник во Управниот одбор барањето за зголемување на капитацискиот бод за матични лекари и матични стоматолози Комората за приватно здравство го постави на дневен ред на Управен одбор во ФЗОМ уште на 27 јануари годинава.

    „Барањето го аргументиравме со соодветни пресметки кои покажуваат реален пораст на трошоците на здравствените установи од примарната здравствена дејност, што доведува и до пораст на цената на услугата која тие ја даваат. Оттогаш до денес нема промени. Во меѓувреме, годинава имаше ново зголемување на платите на вработените во ФЗО како и на вработените во јавните здравствени установи, исто како и изминатите години. Со што е очигледна дискриминаторската политика на ФЗО кон приватните здравствени установи. За јавните здравствени установи исто така во континуитет се обезбедуваат средства за сервисирање на долговите кои ги генерираат и им се зголемуваат буџетите, додека за матичните лекарите кои се дел од истиот систем нема никаква поддршка“, вели д-р Дејаноска и смета дека капитацискиот бод не може и не смее да се биде политичка одлука, туку мора да се пресмета според посебна методологија, која ќе ги вкалкулира сите трошоците и ќе даде реална цена на услугата.

    Комората на приватно здравство вели дека очекувале поголема ангажираност и разбирање за проблемите на матичните лекари од министерот Сали бидејќи доаѓа од примарното здравство.

    „За жал не само што не се постигна дијалог туку не се реши ниту еден проблем. Исто така истакнуваме дека не сите проблеми со кои се соочуваат приватните здравствени установи се со финансиски импликации, за некои треба само добра волја за да се решат, но според тоа како се одвиваат работите и тоа недостасува“, рече д-р Дејаноска, и најави дека во наредниот период ќе се преземат и правни мерки против дискриминација на приватните здравствени установи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира