МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДЕМИРИ ИСПРАТИЛ КОМИСИЈА ВО ГОСТИВАРСКАТА БОЛНИЦА ДА ПРОВЕРИ ДАЛИ ИМА НЕПРАВИЛНОСТИ ВО ВРАБОТУВАЊЕТО НА 20 АЛБАНЦИ

    МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДЕМИРИ ИСПРАТИЛ КОМИСИЈА ВО ГОСТИВАРСКАТА БОЛНИЦА ДА ПРОВЕРИ ДАЛИ ИМА НЕПРАВИЛНОСТИ ВО ВРАБОТУВАЊЕТО НА 20 АЛБАНЦИ„Од страна на партијата добиваме зелено светло за да се влезе во финалната листа“, се слуша на снимката од директорот на Гостиварската болница Илбер Адеми (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Илир Демири испратил Комисија да оди во Гостиварската болница за, како што вели, да се провери дали има неправилности во вработувањето на медицински кадар.

    Редакцијата „ПорталиИкс“ вчера објави видео од директорот на Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар Илбер Адеми, во кое вели дека партијата одлучува кој ќе биде вработен, откако месецов таму беа примени 10 доктори и 10 медицински сестри, сите од албанска националност. Во видеото, веројатно снимено тајно, се слуша неговиот глас како на кандидат за вработување му вели дека на огласот имало еден куп кандидати, дека било пекол, но дека на крај не одлучува тој, туку партијата.

    „Еден куп кандидати, пекол е. Знам дека товарот ќе падне врз мене, но на крај јас не одлучувам. Одлучува некој друг. Од страна на партијата добиваме зелено светло за да се влезе во финалната листа“, се слуша на снимката.

    „Имаше реакции, но морам да го почитувам правото на презумпција на невиност. Јас веќе одредив Комисија да оди во Гостиварската болница, да се провери и доколку има неправилности ќе се постапи според законски прописи. Никој во државата не е над законот. Тоа е мојот став“, кажа Демири по Свечената академија за отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки.

    Во разговор со новинарот на „ПорталиИкс“ Фуркан Салиу, директорот Адеми потврди дека тоа е неговиот глас и дека е член на ДУИ, но тврдеше дека не може никој да го командува.

    Во меѓувреме, за огласот реагираа општинските организации на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, и двете партии побараа огласот да биде поништен. Одлуката за вработување на 10 доктори и 10 медицински сестри во Гостиварската болница е од 9 февруари.

    Од СДСМ велат дека е грубо прекршено начелото на за соодветна и правична застапеност на граѓаните, со тоа што не е примен ниту еден кандидат Македонец.

    Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, обвинија за грубо кршење на начелото за соодветна и правична застапеност на граѓаните.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира