Министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, потврди докторот за САКАМДАКАЖАМ.МК. Тој ни рече дека иако е на одмор до 9 мај, ноќеска бил дежурен, бидејќи распоредот за смени бил одамна направен. Денеска добил известување од службите во сметководство дека е разрешен.
„Иако сум на одмор, бев дежурен што не се коси со Закон за здравствена заштита, член 216. став 3. Ноќеска во 2:30 дојде новинар да види како дежурам. Не знам колку е законски да бидам разршен додека сум на одмор, и дали министерот има право да ме разреши до формирање на Влада. Ќе се консултирам со адвокат“, ни изјави д-р Петровски.
„Медицинскиот директор беше разрешен од вршител на должност директор поради неправилности во работата. Засега нема назначено нов директор на Клиниката за токсикологија“, ни изјавија од Министерството за здравство.
Демири уште на 22 април најави дека ќе го разреши д-р Петровски. Претходно, со писмо и со прес-конфереција, вработени од Клиниката како и доктори со долгодишно искуство реагираа дека економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31 декември 2023. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа.
Демири на 22 април после прес-конференциите на докторите од Токсикологија и на Иљази, рече дека три недели претходно бил прашан од новинар за состојбата на Клиниката за токсикологија каде, како што му било кажано, 18 вработени не примиле плата четири месеци и дека во истата институција има за жал и навреди на национална основа.
„Просто не можев да поверувам, дури мислев и дека е провокација. Многу ми е жал, три недели ја испитав ситуацијата. За жал, констатацијата е вистината. Длабоко сум уверен дека луѓето кои ги користат ваквите испади и навреди не го мислат тоа. Навреди на национална основа. Не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Ќе преземам сериозни мерки, директорот медицински денеска ќе го разрешам од позицијата, иако сме влезени во изборите. За економската директорка Бесија Иљази немам сознанија за прекршок“, рече министерот Демири.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 2 мај соопшти ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката.
Ова следи откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.
„ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки кои истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по истото решение, меѓутоа такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори и медицинскиот и организацискиот беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите од истите документи ДСЗИ го констатираше следново: По точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници соработници коишто немаат договор за вработување, односно договорот им истекол на 31.12.2023 година истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија што значи дека под точка 1 и 2 не е постапено од решението“, рече директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска.
Б. НЕСТОРОСКА