ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЌЕ ИЗДАДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ЗАБРАНА ЗА ПРИСТАП НА ТОКСИКОЛОГИЈА ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ БЕЗ ДОГОВОР ЗА РАБОТА

    ЗДРАВСТВЕНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЌЕ ИЗДАДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ЗАБРАНА ЗА ПРИСТАП НА ТОКСИКОЛОГИЈА ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ БЕЗ ДОГОВОР ЗА РАБОТАДокторите од Токсикологија реагираа дека работат со пациенти на кои им е битна приватноста и доверливоста и не е во ред да се зборува за пациентот пред лица на кои не им е тука местото. (Фото: К. Попов)

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката, кажа денеска директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, објави МИА.

    Ова следи откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.

    „ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки кои истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по истото решение, меѓутоа такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори и медицинскиот и организацискиот беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите од истите документи ДСЗИ го констатираше следново: По точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници соработници коишто немаат договор за вработување, односно договорот им истекол на 31.12.2023 година истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија што значи дека под точка 1 и 2 не е постапено од решението“, рече Младеновска.

    Ако не се постапи и по ова решение, Младеновска рече дека следуваат парични казни за организацискиот и за медицинскиот директор, како и за самата Клиника.

    На новинарско прашање како е можно да се појавуваат на работа лица кои немаат договор за работа, Младеновска упати одговорот да се бара кај менаџментот на Клиниката и кај Министерството за здравство.

    Со организациската директорка, како што изјави, разговарале со преведувач бидејќи таа не зборува македонски јазик.

    На 22 април, д-р Нико Беќаровски, раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31.12.2023.

    Меѓу нив има и прекрасни лица, но има и лица кои немаат соодветно образование за тука, рече тој. За тие 18 лица на кои им се истечени договорите, д-р Беќаровски кажа дека иако немаат никаква обврска, доаѓаат на работа, облекуваат мантили и доаѓаат и на визита.

    „Ние работиме со пациенти на кои им е битна приватноста и доверливоста. Навистина не е пријатно да зборувам на визита за пациентот пред лица на кои не им е тука местото. За шест години се сменија и министри и 5 директори. Секој си носеше свои кадри и стигнавме до 7-8 административци и 2-3 секретарки“, кажа д-р Беќаровски на 22 април.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира