МИНИСТЕРСТВОТО НЕ ПОТПИШУВА БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ДА СИ ГИ ВРАТИ ПРОСТОРИИТЕ ОД ЖАН МИТРЕВ

    МИНИСТЕРСТВОТО НЕ ПОТПИШУВА БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ДА СИ ГИ ВРАТИ ПРОСТОРИИТЕ ОД ЖАН МИТРЕВМенаџментот нa болницата планира траума центарот да го смести во просторот од 4.000 квадратни метри каде до лани беше сместена приватната болница Филип Втори, но работите сѐ уште не се почнати оти фактички не е преземен просторот. - Директорот на „8 Септември“ (Фото:СДК.МК)

    Отворањето на Траума центар во Градската општа болница „8 Септември“ заглави во бирократски процедури. Повеќе од два месеци ГОБ„8 Сeптември“ не може да го преземе просторот од 4.000 квадратни метри од некогашната Воена болница, каде до лани беше сместена кардиохируршката болница на Жан Митрев. Иако уште лани во декември е донесена одлука на Влада овој простор и затекнатата опрема и инвентар Министерството за здравство да ги префрли на „8 Септември“, болницата сѐ уште ги нема потребните документи, кои чекаат потпис од Министерството за здравство.

    „Не знам каде е заглавена работата. Од Министерство за здравство ни рекоа дека треба да се завршат некои процедури околу попис на опремата што ја наследуваме таму. Дел од апаратите биле на Министерство за одбрана, а друг дел се оставени од Жан Митрев и дека треба да се добие мислење од Бирото за судски вештачења. Од Бирото добивме одговор дека од кај нив работата е завршена и одобрението е пратено, и не ми е јасно зошто уште нема потпис на документите од Министерство. Иако овој простор со одлука на Влада е доделен на нашата болница, ние практично не можеме да го преземеме во владение и да почнеме да работиме“, вели д-р Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“.

    Тој вели дека во овој простор планираат да отворат траума центар, бидејќи во „8 Септември“ како општа градска болница доаѓаат најголем дел од траумите.

    „Планираме на едно место да ги третираме сите трауми и тој простор е идеален за ваков центар. Таму има две хируршки сали, од кои едната ќе биде за ортопедија, а другата за трауматологија. Исто така овие сали ќе ги искористиме за да може болницата непречено да работи, додека ги реновираме сегашните шест сали, кои се во многу лоша состојба. Но, за да го направиме тоа треба да го преземеме просторот, што сега фактички не може да го направиме“, вели Костов.

    Од Министерството за здравство велат дека станува збор за комплексна правна процедура и дека во тек се завршните активности пред да биде склучен договор за преземање на просторот и опремата. Но од Министерството не кажуваат кои се тие завршни активности, ниту кога практично ќе стават потпис на документите за да може болницата „8 Септември“ да го преземе просторот.

    Дел од медицинската и немедицинската опрема и инвентар сместена во овие простории, како што велат од Министерството за здравство лани во октомври се пренесени од Министерството за здравство на ГОБ „8 Септември“.

    „Целата постапка почна пред неколку месеци врз основа на две одлуки на Владата од декември 2017, и тоа на одлуката за престанок и давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈЗУ ГОБ ‘8ми Септември’ и одлуката за престанок и давање на трајно користење на движни ствари на ГОБ ‘8ми септември’. Со овие одлуки извршен е пренос на медицинската и немедицинската опрема и инвентар на ГОБ ‘8 Септември’ лани во октомври. Од друга страна, Министерството за здравство формираше комисија за да може да се склучи договор за примопредавање, која спроведе вонреден попис на опремата и инвентарот, за да биде воведена во книговодствената и сметководствената евиденција. По добивањето на наодот и мислеењето на Бирото за судски вештачења, Министерството за здравство работи на завршните активности, по што ќе биде склучен договорот“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира