Новото Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е вселено во барокната зграда на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) спроти Музејот на Град Скопје која е без технички прием. Оваа зграда стоеше празна откако е изградена, бидејќи не може да добие употребна дозвола, а чинеше 15 милиони евра.
Во текот на градбата во рамките на проектот „Скопје 2014“ се правеле низа измени, а за тоа не се поднесувале барања за да се добие одобрение од Министерството за транспорт и врски. Минатото раководство на ЕСМ, односно кога на власт беше СДСМ, рече дека зградата има низа недостатоци и затоа не може да се добие технички прием. Од компанијата се жалеа и дека се направени низа пропусти при градбата, инсталациите не се соодветно изведени, нема ни пристап до подземниот паркинг. Но, изминативе години ништо не беше направено зградата да се стави во функција и да не пропаѓа.
По промената на власта и формирањето на новото Министерство за енергетика, тоа се всели во оваа зграда.
Од Министерството ни одговорија дека со одлука на Владата објектот им е предаден за користење.
„Сите права и обврски за користење на деловниот простор се уредуваат со договор меѓу АД ЕСМ и Министерството за енергетика рударство и минерални суровини“, велат од Министерството за енергетика.
Од таму не добивме одговор на прашањата до каде е процедурата зградата да добие технички прием и што се презема за овој проблем. Бидејќи зградата нема паркинг, од Министерството ни одговорија дека за службените возила ги користат јавните паркинзи околу објектот.
Барокната зграда на ЕСМ почна да се гради во 2013, во рамките на проектот „Скопје 2014“ вреден 700 милиони евра кој го спроведуваше низ центарот на градот тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.
Објектот неколку пати го пробиваше рокот за завршување, како и сумата која беше потребна за негова изградба. Зградата првично требало да чини 9,8 милиони евра. Во текот на градбата цената се зголемува на 14,6 милиони евра, односно се зголемува за 48,4 отсто. Дополнително на ова се и трошоците за изработка на основен проект за 50-тина илјади евра, надзорот на градбата кој го врши градежниот институт Македонија АД Скопје за 30-тина илјади евра, и мебел од 470.000 евра.
Со промената на власта, новото раководство на ЕСМ склучи нов дополнителен договор бидејќи градежните работи не беа целосно завршени, не биле вградени потребните инсталации, а се поправаа и утките кои биле направени при градбата бидејќи голем дел од градежните работи не биле изведени соодветно.
Во зградата нема ниту пристап за подземниот паркинг бидејќи се планираше да се пробива улица меѓу паркот зад зградите од Градски ѕид.
А. АНТЕВСКА