ЕСМ НЕ ПОДНЕЛА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА НЕЗАКОНСКО ГРАДЕЊЕ НА БАРОКНАТА ЗГРАДА ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ШТО СТОИ ПРАЗНА ОТИ НЕ МОЖЕ ДА ПОМИНЕ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ

    ЕСМ НЕ ПОДНЕЛА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА НЕЗАКОНСКО ГРАДЕЊЕ НА БАРОКНАТА ЗГРАДА ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ШТО СТОИ ПРАЗНА ОТИ НЕ МОЖЕ ДА ПОМИНЕ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМВо ЕСМ формирана е работна група која во моментов ги истражува сите постапки во врска со изградбата на деловната зграда, по што,како што велат, соодветно ќе реагираат. (Фото: К. Попов)

    Државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) не поднела кривична пријава против минатото раководство бидејќи ја градело деловната зграда без соодветни одобренија од Министерството за транспорт и врски. Не се поднесени кривични пријави ниту пак е побарана одговорност ни за проектантот, изведувачот и надзорот на градбата затоа што не се почитувани процедурите при измените на проектот во текот на изведбата.

    Како што вчера објави САКАМДАКАЖАМ. МК, раководството и вработените во ЕСМ не можат  да се преселат во зградата спроти Старата железничка станица, што беше дел од проектот „Скопје 2014“, оти од минатото раководство во текот на градбата се правеле низа измени, а за тоа не се поднесувале барања за да добијат одобрение од Министерството за транспорт и врски. Од Министерството за транспорт и врски сега не им ги издаваат одобренијата, бидејќи според законот тоа се прави пред да се почне со измените, а не кога тие ќе завршат.

    Од ЕСМ, на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали поднела кривични пријави, кусо велат дека во моментов се истражуваат сите постапки во врска со изградбата на деловната зграда.

    „Формирана е работна група која ги истражува сите постапки и процедури во врска со изградбата на новата зграда. По добивањето на конечниот извештај од работната група соодветно ќе реагираме“, велат од ЕСМ.

    Во овој случај, одговорност освен минатото раководство на ЕСМ има и надзорот, лицето што ги одобрувало ситуациите во фаза на градба, оној што нарачал да се гради спротивно на главен проект и лицето кои ги правело измени во градбата без за нив да достави барање за одобрување на проектот.

    Од ЕСМ вчера изјавија дека заедно со другите надлежни институции и со Владата се бара правен излез за да може прескапиот објект во иднина да не стои празен, туку да се користи според сите правила и прописи на кои треба да подлежи.

    Барокната зграда на ЕСМ почна да се гради во 2013 во рамките на проектот „Скопје 2014“, кој го спроведуваше низ центарот на градот тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

    Објектот неколку пати го пробиваше рокот за завршување, како и сумата која беше потребна за негова изградба. Зградата првично требало да чини 9,8 милиони евра. Во текот на градбата цената се зголемува на 14,6 милиони евра, односно се зголемува за 48,4 отсто. Дополнително на ова се и трошоците за изработка на основен проект, 50-тина илјади евра, надзорот на градбата, кој го врши градежниот институт Македонија АД Скопје за 30-тина илјади евра и мебел од 470.000 евра.

    Со промената на власта, новото раководство на ЕСМ склучи нов дополнителен договор бидејќи градежните работи целосно не беа завршени, не биле вградени потребните инсталации, а се поправаа и утките кои биле направени при градбата, бидејќи голем дел од градежните работи не биле изведени соодветно.

    Во зградата нема ниту пристап за подземниот паркинг.  Минатoтo раководство планиралo да пробива улица меѓу паркот зад зградите од Градски ѕид.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира