МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ГО ОДОБРИ ВРАБОТУВАЊЕТО НА ДОПОЛНИТЕЛНИТЕ НАСТАВНИЦИ ЗА ФИЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ГО ОДОБРИ ВРАБОТУВАЊЕТО НА ДОПОЛНИТЕЛНИТЕ НАСТАВНИЦИ ЗА ФИЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ„Јас со мојата рака потпишав согласности за сите училишта кои доставија барање за ангажирање на дополнителен наставник кој е квалификуван за одржување на таа настава“, рече министерот за образование и наука Арбер Адеми. - Адеми на денешното свечено отворање на новото основно училиште „Киро Глигоров“ (Фото: К. Попов)

    Министерството за финансии одобри вработување на дополнителни наставници по физичко образование во оние училишта кои досега доставиле барање до Министерството за образование и наука за ангажирање на дополнителен наставник кој е квалификуван за одржување на таа настава, рече денес министерот за образование Арбер Адеми.

    Со новиот Закон за основно образование кој беше изгласан на крајот на јули, е донесена одлука дека часовите по физичко образование од прво до петто одделение покрај одделенски наставник од оваа учебна година ќе ги води и професор по физичко образование.

    „За изведување на наставата по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение се вклучува и наставник по физичко и здравствено образование“, стои во член 54, став 4.

    Родителите на учениците реагираа дека во некои училишта деновиве сѐ уште нема дојдено дополнителен наставник, како и за тоа дека одлуката се однесува на првачињата, а не ги опфаќа учениците кои деновиве го почнаа второто, третото, четвртото и петтото одделение.

    „Ова реформа ќе почне да се спроведува сукцесивно согласно со Законот. Јас со мојата рака потпишав согласности за сите училишта кои доставија барање за ангажирање на дополнителен наставник кој е квалификуван за одржување на таа настава. Денеска додека бев тука моите колеги ме информираа дека веќе и од Министерството за финансии имаме позитивен одговор. Зборувам за сите училишта на национално ниво кои доставија барање кај нас.
    Оваа година во прво одделение одиме со тандем наставници за предметот физичко образование, следната година прво и второ одделение, па третата година прво, второ и трето и така сукцесивно за пет години ќе се заокружи реформата како што е предвидено со Законот“, рече министерот Адеми на денешното свечено отворање на новото основно училиште „Киро Глигоров“.

    Професорите по физичко образование и спортските работници со голема радост ја поздравија оваа одлука, која, како што велат, е за доброто и здравјето на децата.

    „Придобивките од вежбањето на физичко уште од рана возраст се огромни и што е најважно придонесуваат за психомоторичкиот развој. Знаете, има случаи кога во средно образование доаѓаат ученици кои немаат координација на часовите по физичко, а камо ли да вршат поголеми спортски активности. Тоа само докажува дека досега тие часови не се работеле како што треба“, ни рекоа неколку професори по физичко образование.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира