МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НЕ ИМ ДАВА ДА УЧАТ НА ДЕЦАТА ЗАТВОРЕНИ ВО ВП ДОМОТ ТЕТОВО, ЗАБОРАВИЛО ДА ИМ ГИ ОБНОВИ ДОГОВОРИТЕ НА НАСТАВНИЦИТЕ

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НЕ ИМ ДАВА ДА УЧАТ НА ДЕЦАТА ЗАТВОРЕНИ ВО ВП ДОМОТ ТЕТОВО, ЗАБОРАВИЛО ДА ИМ ГИ ОБНОВИ ДОГОВОРИТЕ НА НАСТАВНИЦИТЕДиректорот на ВП домот Антоски на 6 јуни ги однесе штитениците на работилница кај претседателот Пендаровски, каде меѓу другото, разговарале и за образованието. (Фото: Управа за извршување на санкциите)

Тамам по 15 години се воведе настава за штитениците во Воспитно-поправниот дом Тетово, државата пак ќе ги остави цел ден да зјапаат во 4 ѕида, без образование. Виновно е Министерството за образование и наука, под раководство на Јетон Шаќири од ДУИ.

За осум дена истекуваат договорите на наставниците од училиштето за возрасни „Макаренко“, а Министерството за образование не ги има викнато да потпишат нови, за учебната 2022-2023 година.

САКАМДАКАЖАМ.МК го праша директорот на Домот во Волковија-тетовско Даниел Антоски дали годинава ќе учат затворените деца, но и тие кои за време на издржување на воспитните мерки наполниле 18 години, тој кажа дека ситуацијата е неизвесна.

„Воспитно-поправниот дом Тетово и Управата за извршување на санкциите сме должни да обезбедиме простор за настава, и пред почетокот на учебната година да го известиме Министерството за образование и наука за бројот на ученици кои треба и мора да следат настава. Обезбедувањето наставен и професорски кадар, средства за нив, склучување договори со тој кадар, е надлежност на Министерството. Точно е дека за околу 8-9 дена истекуваат договорите, а јас сè уште не сум информиран од МОН дека тие се обновени“, вели Антоски.

САКАМДАКАЖАМ.МК вчера испрати прашања до Министерството, кое со години ги крши правата на образование овие затворени млади лица и ги остава без ресоцијализација, но оттаму има игнорантски однос.

„Со оглед на тоа дека за околу 9 дена истекуваат договорите на наставниот кадар кој држи настава на штитениците во Воспитно-поправниот дом Тетово, бараме одговор од МОН дали тие ќе бидат продолжени? Што прави Министерството за овој проблем? Зошто дозволивте на пред само десетина дена од истекувањето, да немате спремено нови договори со наставниот кадар? Ќе има ли настава во ВП домот Тетово во учебната 2022/2023 година, или пак штитениците ќе бидат фрлени и заборавени од Министерството и ќе останат поради тоа без ресоцијализација?“, се прашањата на кои не добивме одговор.

Откако е дојден да раководи Шаќири, немаше свидетелства за учениците кои завршија лани, сè уште нема учебници за предмети на почната школска година, а секаква реформа таму застана и не мрдна натаму, во време кога на сите меѓународни тестирања учениците од Македонија се на последното место по писменост.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира