МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ СТАНУВА НАЈПРОБЛЕМАТИЧЕН И НАЈНЕФУНКЦИОНАЛЕН РЕСОР, ОМБУДСМАНОТ ЗИБЕРИ ГИ ОБЈАВИ СИТЕ ПОПЛАКИ НА РОДИТЕЛИ И УЧЕНИЦИ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ СТАНУВА НАЈПРОБЛЕМАТИЧЕН И НАЈНЕФУНКЦИОНАЛЕН РЕСОР, ОМБУДСМАНОТ ЗИБЕРИ ГИ ОБЈАВИ СИТЕ ПОПЛАКИ НА РОДИТЕЛИ И УЧЕНИЦИНародниот правобранител потсетува дека „Секој ученик на почетокот на учебната година добива комплет на бесплатни учебници“. - Министерот за образование Јетон Шаќири (Фото: Фејсбук)

    Министерството за образование раководено од министерот Јетон Шаќири од ДУИ стана едно од најнефункционалните министерства во Владата и според информацијата со проблемите на ученици и родители што се обраќале кај него, што ја објави денеска Народниот правобранител Насер Зибери.

    Тој ја информира јавноста дека родителите и учениците реагираат поради немањето на печатени учебници за сите наставни предмети, а се жалат и поради дотраеност на достапните учебници. Учениците кои посетуваат настава во прво, второ, четврто и петто одделение се жалат кај Омбудсманот дека немаат добиено комплети печатени учебници за сите наставни предмети согласно наставниот план и програма, па тие ја почнале учебната година со импровизација – со материјали за учење во печатена форма, во кои се обединети содржини од неколку наставни предмети.

    Воедно, како проблем, Народниот правобранител го нотира и немањето на учебници по наставниот предмет Англиски јазик и оваа учебна година, па наместо користење на учебник, според наводите, наставниците и учениците се служат со извадоци од постари учебници и други извори на материјали согласно наставната програма. Сознанијата на Зибери се дека години наназад нема официјално одобрени учебници по Англиски јазик.

    Учениците се жалат дека дополнителен проблем им претставува тоа што најголем дел од добиените учебници се сериозно оштетени, до степен на неупотребливост, поради што родителите се изложуваат на трошок да ги печатат електронските верзии на учебниците.

    Потоа, јавно го потсетува Министерството со цитати од законот дека: „учебникот е основно наставно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програми на основното и средното образование“.

    „Секој ученик на почетокот на учебната година добива комплет на бесплатни учебници“.

    „Секој учебник може да биде во употреба пет учебни години, освен учебниците во кои има содржини кои ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење, како и учебниците за прво, второ и трето одделение.“

    Натаму, Народниот правобранител бара на хронично болните ученици да им се овозможи онлајн настава од дома, бидејќи се уште сме во пандемија од коронавирус. Препорачува Министерството да се обрати до Комисијата за заразни болести и убаво да го организира процесот.

    Бидејќи Министерството и школите молчат се уште во врска со самоубиството на ученикот во трета година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, како ништо да не се случило, Омбудсманот бара Министерството за образование и наука, во соработка со другите ресорни министерства (Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика), и во координација и соработка со училиштата, институциите за заштита на децата, како и локалните самоуправи, континуирано да презема активности и мерки за заштита на менталното здравје, како и безбедност на учениците во училиштето и надвор од него.

    „Исто така, стручните соработници во училиштата, потребно е да бидат едуцирани и обучени за рано откривање на проблеми во менталното здравје на децата, да ги препознаат знаците од нарушено ментално здравје, со цел превенција, спречување и минимизирање на немили настани кои го загрозуваат здравјето, добросостојбата, и животот на учениците, со почитување на правата на децата и нивниот најдобар интерес“, бара итна акција Народниот правобранител.

    Народниот правобранител имал поплаки од родители на деца со попреченост, поради тоа што државата не обезбеди образовни асистенти за нив. Месечниот хонорар од само 9.000 денари за асистент е причина за исклучително слабата заинтересираност на кандидатите на огласите. Освен тоа, во август само неколку општини објавиле оглас за ангажирање образовни асистенти, а тие потенцијални кандидати кои ќе ја испорачуваат оваа услуга, воопшто и не се проценуваат врз основ на нивните професионални квалификации и компетенции за толку специфична и чувствителна задача што треба да извршуваат.

    Зибери констатира и дека за жал, повторно се чека УНДП да ги поддржи образовните асистенти за средношколците со попреченост, место државата, односно Министерството за образование.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира