МИСИОНЕРИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ УСПЕАЈА, СЕСТРИНСКИТЕ ПАРТИИ ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГО БЛОКИРАА АМАНДМАНОТ ЗА ОСУДА НА БУГАРСКИТЕ ПРОВОКАЦИИ

    МИСИОНЕРИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ УСПЕАЈА, СЕСТРИНСКИТЕ ПАРТИИ ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГО БЛОКИРАА АМАНДМАНОТ ЗА ОСУДА НА БУГАРСКИТЕ ПРОВОКАЦИИАлександар Николоски и Христијан Мицкоски на средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на 21 јануари. (Фото: Фејсбук)

    Амандманот за осуда на бугарските провокации кон Македонија не беше усвоен вчера во Европскиот парламент поради блокадата на европратениците од сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ од Европската народна партија и Европските конзервативци.

    Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на крајот на јануари се пофали дека за четири дена се сретнале со тројца премиери на земји членки на ЕУ, двајца министри за надворешни работи и неколку други врвни политичари од нивните сестрински партии со цел да побараат поддршка за Македонија.

    „Целта на овие средби беше да прво ја зацврстиме партиската соработка затоа што се работи за наши сестрински партии. Но, второ и да информираме што се случува во државата да побараме поддршка“, изјави тогаш Николоски во интервју за „Македонско радио“ и најави дипломатска офанзива на ВМРО-ДПМНЕ.

    Николоски и претседателот на партијата Христијан Мицкоски тогаш се сретнаа со унгарскиот премиер Виктор Орбан, словенечкиот премиер Јанез Јанша и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

    „Независно што ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, треба да се искористи сиот расположлив потенцијал да се направи своевиден притисок и да се придвижиме кон патот на Европската унија“, кажа Мицкоски за средбите.

    Европскиот парламент вчера ја усвои Резолуцијата за Македонија, во која се поздравуваат реформите за членство во ЕУ и се охрабруваат Скопје и Софија да изнајдат взаемно прифатливо решение околу спорот поради кој Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ и покрај исполнетите реформи, но во Резолуцијата не се најде амандманот предложен од четворица европратеници од групата на Социјалистите и Зелените: Тонино Пицула (Хрватска), Тања Фајон (Словенија), Андреас Шидер (Австрија) и Марек Белка (Полска). Во него стои дека: „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската Влада за историски прашања што ја засегаат Северна Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство со Бугарија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај изборната кампања што е во тек во Бугарија“.

    Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изрази жалење што не помина амандманот на зелените и социјалистите за осуда на непримерното и провокативното однесување на бугарските власти.

    „Сакам да го поздравам усвојувањето на Резолуцијата на ЕП со големо мнозинство, вклучувајќи го и компромисот кој е постигнат околу вордингот за пристапувањето дека билатералните прашања не смеаат да бидат користени за блокирање на пристапниот процес. Но не можам да избегнам да не ги спомнам некои од амандманите за кои се гласаше денеска. Сакам да изразам жалење и разочараност што беа усвоени амандманите 3 и 4 поднесени од ЕПП-групата, и би сакаал да изразам жалење што амандманот 2 поднесен од Белка, Пицула, Фајон и Шидер не доби поддршка од мнозинството“, рече Димитров во обраќањето на 18. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Северна Македонија и ЕУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира