МИЦКОСКИ ТРЕТПАТ ГУБИ НА ИЗБОРИ, АКО НЕ ФОРМИРА ВЛАДА, ТРЕБА ДА СИ ОДИ ТИВКО БЕЗ НАВРЕДИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАВАДАРЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ МИТКО ЈАНЧЕВ

    МИЦКОСКИ ТРЕТПАТ ГУБИ НА ИЗБОРИ, АКО НЕ ФОРМИРА ВЛАДА, ТРЕБА ДА СИ ОДИ ТИВКО БЕЗ НАВРЕДИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАВАДАРЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ МИТКО ЈАНЧЕВ„Промената треба да се изврши тимски, со сите потиснати авторитети што ги има внатре. Таа промена треба да се случи со единство кое ќе ја обедини ВМРО-ДПМНЕ. Никако не смее да се случи со шиканирање на актуелното раководство“, вели Јанчев (Фото:СДК.МК)

    Актуелниот градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ смета дека е логично да се покрене прашањето за смена на раководството на ВМРО-ДПМНЕ по вчерашните парламентарни избори, на кои, според првичните резултати, неговата партија доживеала пораз од коалицијата предводена од СДСМ.

    „Ако и овие избори се изгубени под актуелното раководство, или ако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не формира влада, неизбежни се промени на раководството на партијата. Промената треба да се изврши тимски, со сите потиснати авторитети што ги има внатре. Таа промена треба да се случи со единство кое ќе ја обедини ВМРО-ДПМНЕ. Никако не смее да се случи со шиканирање на актуелното раководство. Што сработија, сработија, но луѓето работеа“, вели Јанчев за САКАМДАКАЖАМ.МК .

    Тој подвлекува дека ова е четврто гласање по ред што ВМРО-ДПМНЕ го губи, дека ги изгуби локалните избори, па беше поразена на референдумот и потоа ги загуби и претседателските и парламентарниве избори. Заклучува дека станува збор за лоша политика и за лошо раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Пресметува дека гласовите на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори паднале од 470.000 на 320-340.000.

    Мицкоски го тргна Јанчев кој беше потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ затоа што го поддржа референдумот за влез во НАТО со промена на името на државата. Не го исклучи од партијата. По разрешувањето и откако гласаа на референдумот Јанчев и сопругата добиваа закани по животот, што тие јавно ги изнесоа.

    Од денот кога беше разрешен, Јанчев уште нема стапнато во луксузната палата на Никола Груевски во ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира