МИЦКОСКИ НАЈАВИ ПОСТАПКА ПРЕД СУДОТ ВО СТРАЗБУР ЗА КОНФИСКУВАНОТО ПАРТИСКО СЕДИШТЕ

    МИЦКОСКИ НАЈАВИ ПОСТАПКА ПРЕД СУДОТ ВО СТРАЗБУР ЗА КОНФИСКУВАНОТО ПАРТИСКО СЕДИШТЕМицкоски ги нарече обвинителите и судиите во предметот „Талир 2“ партиски и октроирани. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека во партијата ја разгледуваат можноста да отворат постапка пред судот во Стразбур за пресудата во случајот „Талир 2“, со која се конфискува партиското седиште и уште 30-тина штабови низ земјата.

    Но, Мицкоски кажа дека прво ќе поднесат жалба пред Апелациониот суд откако ќе ја добијат пресудата на писмено.

    На 8 јуни, Основниот кривичен суд донесе пресуда за „Талир 2“ со која беа осудени поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 8 години затвор и поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски на условна казна за изградбата на партиското седиште во Скопје, која според првостепената пресуда, била незаконска.

    „Самата објава на оваа пресуда наликуваше на политички процес во режија на СДСМ, ДУИ, обвинителите и судиите. Судијката кажа тоа што имаше да каже, јас нема да ја коментирам. Ние сè уште ја немаме пресудата добиено, ја немаме на писмено. Ова е врз основа на тоа што го слушавме во јавноста. Има процесни недоследности. По која основа оваа зграда што лепи со нас не е запленета, а оваа е запленета? Ќе вложиме жалба пред Апелациониот суд откако ќе ја добиеме пресудата на писмено. Не очекуваме дека нешто може да се измени со ова обвинителство и судство, но ќе ги искористиме сите правни механизми што ни стојат на располагање, а ќе ја разгледаме и опцијата да отвориме постапка пред судот во Стразбур. Правдата ќе биде докажана“, кажа Мицкоски на денешната прес-конференција во партиското седиште, нарекувајќи ги обвинителите и судиите во предметот партиски и октроирани.

    Постапка пред Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур се поведува откако ќе бидат исцрпени сите правни механизми во земјата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира