ПОСЕТАТА НА КОШТА НЕМА ДА ЈА СМЕНИ ПОЗИЦИЈАТА НА ВЛАДАТА ЗА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ПОСЕТАТА НА КОШТА НЕМА ДА ЈА СМЕНИ ПОЗИЦИЈАТА НА ВЛАДАТА ЗА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, РЕЧЕ МИЦКОСКИЈас немам намера како претседател на Владата, да поддржам авантура без притоа да знам дека ќе има извесен крај, рече Мицкоски. (Фото: Влада на РСМ)

    Нефер и несериозно е да се очекува дека ќе дојде висок европски политичар и ние наеднаш ќе ја промениме позицијата, рече премиерот Христијан Мицскоски одговарајќи на новинарско прашање што очекува од денешната средба во Скопје со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

    Евроинтерграцијата на Македонија е блокирана од Бугарија која бара измени на Уставот за да бидат внесени  околу 3.000 македонски граѓани кои се изјасниле како Бугари на последниот попис во 2021.

    „Јас немам намера како претседател на Владата, да поддржам авантура без притоа да знам дека ќе има извесен крај. Ако сите европски политичари се едногласни дека нема да има повеќе условувања, тогаш најмалку што можеме ние да добиеме како држава, се нови заклучоци во коишто тоа сè ќе го ставиме. Затоа што на тој начин ќе се потврди поддршката и ќе се потврди довербата. Така што, денеска јас би пренел мое мислење дека најпрвин треба да почнеме да градиме доверба, да разговараме. Ние не разговараме. Ценам дека треба да се посветиме на испораката во реформската агенда, каде што ние сме вистински фронтранери, а не останатите земји од Западен Балкан. Така што, јас би зборувал за овие теми. Нешто што можеме веднаш да биде како брза испорака. Па дури потоа да видиме, доколку постои простор да се изгради таа доверба, да влеземе во една следна фаза“, рече Мицкоски на отварањето на училишен базен во Општина Карпош.

    Кошта од први до петти јуни е на дипломатска турнеја низ Западен Балкан, на која ќе има средби со лидерите од регионот и ќе биде копретседавач на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, што ќе се одржи на 5 јуни.

    Како што соопшти Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

    „Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: Посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати“, изјави Кошта пред посетите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира