Директорот на слободните зони Виктор Мизо го пречека премиерот Зоран Заев на денешното отворање на фабриката за производство на автомобилски навлаки на „Адиент“ – фирма ќерка на „Џонсон Контролс“ во Струмица. Утринава, со новата инвестиција во Струмица на социјалната мрежа Фејсбук се пофали и поранешниот премиер Никола Груевски.
Стотици вработени од новата фабрика беа построени во редица на денешното пуштање во употреба на фабриката во ТИРЗ Струмица. Тие ги напуштија работните места и во колона застанаа зад гостите кои присуствуваа на отварањето на фабриката за производство на автомобислки навлаки вредна 20 милиони долари. На свеченоста беше и Владимир Теплик, потпретседателот на ова компанија.
„Ни претставува задоволство што можеме да придонесеме за економскиот раст во Македонија. Ние дојдовме овде за да останеме и бидеме дел од заедницата. Во фабриката овде во Струмица треба да се вработат вкупно 1.300 лица во кои постојано ќе инвестираме“, рече Теплик.
Заев рече дека како нова Влада ќе овозможат фер услови за сите инвеститори.
„Ќе се грижиме за секој работник, секоја фирма, претпријатие, компанија. Нема да има привилегии. Во правна и праведна држава како што настојуваме да бидеме, новата Влада ќе го реализира ветеното општество на отворени можности за сите“, кажа премиерот Заев.
На свеченоста, директорот на Технолошки индустриски зони Виктор Мизо рече дека до крајот на годинава во зоните ќе работат околу 10 илјади лица, а вредноста на извозот до мај изнесува 190 милиони евра.
В. ТРАЈКОВ