Специјалното јавно обвинителство побара притвор за ексминистерката за култура Елизабета Канческа Милевска, бидејќи смета дека не е доволно само да ѝ биде одземен пасошот како првообвинета во случајот „Тендери“ за „Скопје 2014″, каде што според СЈО, го оштетила буџетот за 54 милиони денари. Канческа Милевска, пак, смета дека нема никаква причина да ѝ биде одземен пасошот, па во жалбата до Апелациониот суд Скопје, бара да ѝ биде вратен.
Обвинителот Гаврил Бубебски рече дека Канческа Милевска е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањата и оттаму, државата е должна да оформи највисока заштита од овие кривични дела. Смета дека Канческа Милевска нема да може да се обезбеди за судењето, без мерката притвор, зашто, според него, во нејзиниот случај постои шанса за бегство.
Канческа Милевска апсолутно го почитува и соработува со СЈО, му ги даде сите документи, нема никаков основ да се примени мерката притвор за неа, рече нејзината одбрана.
„Многу сум изненадена од ваквиот предлог против мене од СЈО, зашто никогаш не сум им дала повод за тоа. Нема дело во овој случај. Јас сум семејна личност, пратеник сум, немам двојно државјанство, ни сметки во друга држава”, рече Канческа Милевска, ветувајќи дека ќе се јавува на секоја судска покана во иднина.
С.К. ДЕЛЕВСКА