Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) ги повика сите македонски државјани кои се наоѓаат во Сирија, да ја напуштат во прва можна прилика, поради влошената безбедносна ситуација. МНР апелира да се одложат сите патувања кон оваа држава.
„Постои можност за натамошно влошување на ситуацијата, а со тоа и намалени можности за навремено напуштање на Сирија. Како и секогаш, министерството ги става сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани и посочува на СОС дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија +389 75 268 736 (меил адреса: [email protected] )“, соопшти МНР.
Рано утринава падна сириската Влада, откако бунтовниците со брзина на молња ја презедоа контролата врз главниот град Дамаск, а на улиците излегоа толпи народ за да го прослават крајот на 50-годишното владеење на семејството Асад.
Сириската државна телевизија објави видеоизјава на група мажи во која се вели дека претседателот Башар ал-Асад е соборен и сите затвореници во затворите се ослободени.
Човекот кој ја прочита изјавата рече дека опозициската група позната како „Оперативна соба за освојување на Дамаск“ ги повика сите опозициски борци и граѓани да ги зачуваат државните институции на „слободната сириска држава“.
Асад ја напуштил земјата со авион на непозната локација, бегајќи пред бунтовниците кои рекоа дека влегле во Дамаск по неверојатно брзиот напредок низ земјата.