Министерството за надворешни работи побарало од Собранието седницата на Комисијата за надворешна политика да биде затворена за јавноста поради одреден степен на доверливост за одредени теми во тезите на идните амбасадори на Македонија во десет земји, велат од МНР. Ова е прв пат амбасадорите да ги бранат тезите тајно. Во досегашната практика овие седници биле отворени за јавноста.
„Исклучувањето на јавноста од седницата на Комисијата не е одлука, ниту намера на Министерството, но во техничката операционализација, тезите се доставени со квалификација која наведува на одреден степен на доверливост, соодветен за третманот на тезите во рамки на Министерството за надворешни работи. За време на презентацијата на тезите пред колегиумот во Министерството, беше оценето дека одредени теми се од сензитивна природа и оттука потребата за соодветен степен на доверливост. Тоа, по автоматизам, повлекло надлежните служби во Собранието да оценат дека е потребен одреден степен на доверливост при презентацијата на тезите“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Од МНР велат дека согласно воспоставената практика, тоа до Собранието ги достави тезите пред преземањето на должноста на кандидатите за амбасадори на Македонија во Унгарија, Шпанија, Словенија, Обединетите Арапски Емирати, Германија, Босна и Херцеговина, Австрија, Шведска, Украина, како и при меѓународните организации во Виена.
„Имајќи ја предвид важноста на односите на Република Македонија во државите и меѓународните организации и тоа дека амбасадите во горенаведените земји и при меѓународните организации во Виена се подолг временски период без амбасадори, се наметна потребата за брзо реализирање на процедурата на упатување“, соопшти МНР.
Претседавачката на собраниската комисија Ивана Туфегџиќ, по отворање на седницата кажа дека поради тоа што некои амбасадори ќе изнесуваат класифицирани информации, според Закон и Деловник, седницата ќе биде затворена за јавност.
„Со оглед на реакциите на опозицијата и на новинарите околу затворената седница на собраниската Комисијата за надворешна политика каде се презентираат тезите на 10-те идни амбасадори на Македонија во различни земји, да појасниме. Од Министерството за надворешни работи тезите од амбасадорите кои се пристигнати се квалифициран материјал, со степен на квалификација доверливо. Има степен за сензитивност, затоа се одлучиле да го класифицираат материјалот. Од тие причини согласно собранискиот Деловник, ние мора да ја затвориме седницата бидејќи има степен на класификација. Се работи за луѓе кои се дипломати од кариера, но мора да се почитува законот. Мене ми е жал, но Деловникот тоа го предвидува“, рече на прес-конференција Туфегџиќ.
Г. ТРПЕНОСКИ